еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Кои ланци на маркети најмногу ги префирираат македонските потрошувачи

Агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД, го спроведе истражувањето “Преферирани ланци на маркети и најпознати брендови за 2024. година” за кое е користен репрезентативен примерок од повеќе од 1.300 активни потрошувачи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кои се најпознатите брендови на млеко, јогурт, сирење… во Македонија, според потрошувачите

Во истражувањето во делот на маркетите се прогласуваат Најмодерен маркет, Најдобар сооднос на цена-квалитет, Маркет со најдобра локациска покриеност и Најдобар Интернет Маркет.

-Еден од генералните трендови што е забележлив од истражувањето е дека потрошувачите ги имаат зголемено бројот на маркети во кои пазарат. КАМ Маркет, Стокомак, Тинекс бележат континуирано учество, но локалните и другите национални маркети бележат зголемување на учеството.

Во просек еден потрошувач пазари во 3.27 маркети во 2024. година, споредбено со 3.10 во 2023.. За прв пат во 2024. Киппер ја достигнува третата позиција, односно ја дели истата со Тинекс со по 31% учество.

Тврдите дисконти уште еднаш потврдуваат дека го доминираат пазарот, бидејќи заедно учествуваат со приближно 160%, што посочува дека секој потрошувач пазари во минимум 1 тврд дисконт, приближно без исклучок, додека секој втор пазари во два и повеќе.

Овој процент ќе има стагнација или низок раст во следниот период, се до влезот на Лидл на пазарот каде се очекува дополнително пренасочување на потрошувачите од класичните маркети во тврдите дисконти, стои во истражувањето.

Преферирани маркети според потрошувачите

Кам Маркет, осум години ја држи позицијата како префериран маркет во кој потрошувачите пазарат. Во тековното истражување за 2023/24-та година приближно 72% од потрошувачите го избрале тврдиот дисконт како место за пазарење.

-Всушност, забележливо е дека ланецот го одржува учеството во последните 4 години приближно на еднакво ниво, што посочува дека има континуитет и при големи турбуленции на пазарот, стои во истражувањето.

По континуиран раст од 24% на 59% помеѓу 2017 и 2023 година, Стокомак во годинешното истражување се стабилизира на 58% приближно идентично како и минатата година.

-Брзата пенетрација на пазарот која ја оствари Стокомак помеѓу 2017 до 2023. година го постигна резултатот за опфаќање на голем број на потрошувачи, бидејќи ланецот услужува 60% од пазарот.

Сепак, таквиот период е секогаш следен со стабилизација, односно одржување на тој пазар. Во следните години, може да се очекува стабилизација или мал и пресметан раст од Стокомак, се вели во истражувањето.

Третиот рангиран Тинекс (заедно со Киппер) има идентично учество како и претходната 2021. година со 31%. Исто како и Кам Маркет, Тинекс бележи континуитет во учеството од 2019 до денес, со варијација од 27% – 33%, додека на тековното истражување има 31%.

-Позитивната страна на Тинекс е што и покрај значителните промени кои пазарот ги “доживеа” од првото до тековното истражување и “доминацијата” на тврдите дисконти, ја одржа активна својата база на потрошувачи и одржа континуирано стабилно учество.

Киппер е исто така на третата позиција со 31% учество заедно со Тинекс. Маркетот има значителен раст од истражувањето во 2017. година кога бележи 5%, па до 31% во 2024-та година.

Растот се темели на големото проширување на малопродажната мрежа, не само како физички локации, туку и региони во последните неколку години. Таквата стратегија според резултатите придонела за Киппер да е место за пазарење на се поголем број на потрошувачи. Дополнителното ширење во 2024 и 2025. година ќе придонесе за зголемување на базата на потрошувачи а со тоа и унапредување на позицијата, се вели во истражувањето.

Лојалност на потрошувачи

Степенот на лојалност се калкулира врз основа на однесувањето на потрошувачите на ниво на ланец на маркети, без разлика на позицијата на маркетот во генералниот распоред.

-Процентот се пресметува како сооднос помеѓу вкупниот број на лица кои пазарат во определен маркет и оние кои го преферираат, односно ја претставуваат лојалната група на потрошувачи. Ако во КАМ Маркет пазарат 68% од потрошувачите, од нив 45% се лојални на брендот. Калкулацијата е изработена со цел да се определи процентот од потрошувачите кои што маркетите можат да ги сметаат како лојални.

Тоа што е генерално забележливо од трендовите е дека лојалноста општо е намалена, не само за првите три позиции туку и општо на пазарот. КАМ Маркет, Веро и Стокомак бележат намалување на учествата од 2022 до 2024. година, што укажува на јасен тренд дека потрошувачите ги менуваат своите преференции и пазарат во различни маркети.

На првата позиција е Кам Маркет кој има приближно учество како и претходната година. Може да се каже дека секој втор потрошувач кој пазари во маркетот е лојален. На втората позиција како маркет со најголема лојалност на потрошувачи е позициониран Веро со 31% од потрошувачите.

Осовременувањето на дел од продажните објекти на хипермаркетот со дополнителен асортиман на производи влијае на задржување на постоечките потрошувачи во значително поголем степен од останатите класични ланци на маркети. На третата позиција во истражувањето во тековната година е Стокомак со 28% во последната година, се вели во истражувањето.

Според добиените податоци Веро е најмодерен маркет во Македонија според 31% (намалување од 2% во однос на претходното истражување) од потрошувачите.

-Веро е на истата позиција веќе трета година по ред, откако е започнато мерење на овој индикатор. Истото потенцира, дека перецпцијата за потрошувачите дека е најмодерен ланец на маркети бележи континуитет.

Најдобар сооднос помеѓу цената и квалитетот на производите има Кам Маркет според 40% од потрошувачите и истиот маркет има најдобра локациска покриеност со 39% учество, се вели во истражувањето.

Интернет супермаркет

Втора година по ред се анализира и кој е најпознатиот интернет маркет (без разлика дали активно купуваат потрошувачите или не) во Македонија.

-Добивањето на сѐ поголемо значење на електронската трговија во Македонија укажува дека во следниот период ќе биде еден од главните канали за комуникација и дистрибуирање на производите од производителите и дистрибутерите до самите потрошувачи.

Како најпозната е-продавница според потрошувачите во Македонија е Paket.mk за 26% од потрошувачите, потоа Веро – verodrive.vero.com.mk за 19% и на третата позиција е Тинекс (marketonline.mk) со 18%.

Тоа што е од важност е дека купувањето на прехранбени производи преку интернет е се уште во зачеток во Македонија. Од анализата на категориите кои што потрошувачите би ги купиле или не преку интернет, укажува на голема скептичност за купување голем број на категории на производи.

Сепак, развојот е неминовен и компаниите се повеќе ќе пронаоѓаат начини за надминување на бариерите, се вели во истражувањето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Експеримент во Јапонија покажува колку брзо се шири коронавирусот во ресторан

Редакција

Каков имот пријавил Јани Нича, еден од судиите кој ја пушти Јанева во домашен притвор

Редакција

„Виз ер“ од денеска ги суспендира летовите помеѓеу Македонија и Италија до 31 јули

Редакција