Агенцијата Мета објави дека лани за патните трошоци на македонските пратеници биле потрошени 366 илјади евра, а пратеници од актуелниот пратенички состав за таа цел добивале и по 1.000 евра месечно.
Најмногу пари за гориво и патарини според Мета лани и биле исплатени на Јадранка Поцкова, пратеничка од Струмица од ВМРО-ДПМНЕ. Таа добила 751.777 денари или 12.200 евра, што значи месечно на платата што ја добивала, на сметката ѝ легнувале уште дополнителни 1.000 евра.
На пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов од Струмица, лани на сметката му легнале 708.016 денари или 11.512 евра, додека пратеничката од СДСМ, Љубица Спасова од Струмица за гориво и патарини добила 696.712 денари или 11.328 евра.
Пратеникот од СДСМ, пак, Миле Талевски од Прилеп за патни трошоци зел 10.637 евра, а Драгица Ѓавочанова од СДСМ, од Прилеп – 9.663 евра.
Во 2022 година, пак, на Поцкова за патни трошоци ѝ биле исплатени над 14.000 евра, што е највисока сума од сите пратеници, пишува Мета.
Високо котира и Жаклина Лазаревска од СДСМ, од Охрид, на која ѝ биле исплатени 13.500 евра, додека Мирче Аџиоски од Струга, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, зел 14.400 евра.
Мета објави и инфографик, кој можете да го погледнете ОВДЕ.