Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека не чувствува потреба да им се извини на службениците за кажаните зборови што се слушаат на неодамна објавената аудио снимка.
-Јас немам објаснување за тоа, во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловникот на Собранието е пропишана мојата надлежност. Меѓу другите надлежности е да ја следам работата на службата. Покрај тоа треба да создадам услови и предуслови за работа на службата.
Ако некој мисли дека службата треба работното време да го помине на улица „Македонија“ претпоствувам дека граѓаните не посакуваат таква служба, ниту во Собранието, ниту во која било институција, рече Џафери на денешната средба со медиумите.
Ние како раководство на Собранието, како што рече, сме ги направиле сите предуслови за да создаваме соодветни услови за службата, и статусно и материјално и институционално.
Џафери образложи дека службеник во Собранието според Закон има повисока плата за 20 отсто од својот колега во која било друга институција. Потсети и дека минатата година беше извршена набавка на 100 компјутери за службата.
– Ако некој мисли дека ќе ја пуштам службата работното време да го помине на улица „Макединија“, се лаже. Ни помалку, ни повеќе не барам. Да бидат на свое работно место колку што е пропишано, осум часа имаат време да бидат на свое работно време, осум часа треба да се на работното место, потенцира Џафери.
Според него, пцовките не биле кон вработените, туку кон односот што го имаат кон работата. Тие, според Џафери, доставиле погрешни материјали за седницата.
Апелираше до пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ да води сметка за она што го направиле и за она што кажале за направеното.
-При вршење на моите должности не сметам дека сум прекршил нешто, останатото или другото е прашање на јавноста, рече Џафери на брифингот со новинарите.
Во врска со пријавата за него до собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во врска со овој случај, спикерот кратко ја образложи процедурата и додаде дека нема коментар по однос на тоа дали е можна негова суспензија.
– Има соодветна процедура и материјалот е пуштен во процедура и немам коментар по однос на тоа, нагласи Џафери.
Тој потенцира дека е одговорен за состојбата во Собранието и ги повика новинарите слободно да направат анкета со службата.
– Кога сакате, како сакате и службениците нека си ги кажат мислењата сами, додаде Џафери.
На средбата со медиумите присуствуваше и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, која од новинарите беше прашана да даде свое мислење за однесувањето на Џафери, но тој тоа не го дозволи.
-Не може, брифингот е мој, јас го организирам и спроведувам и не е приватна сопственост, рече Џафери.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ни срам, ни извинување од Џафери
МИА/Фото: Собрание