еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Мечка бркала 15-годишно момче во селото Крапа, кое за среќа избегало

На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) е добиена пријава дека во текот на вчерашниот ден (недела, 02.02.2025 година) во период од 18.15 до 20.15 часот во атарот на селото Крапа во Општина Македонски Брод, возрасна мечка што не била со мали димензии и не личела на одраснато мече што се изгубило, следела и гонела малолетно дете (околу 15 години), коешто за среќа успеало да избега, информираат од ЦУК.

Момчето не било директно нападнато и не било повредено, иако паднало при бегањето кога заедно со стадото овци се враќало кон трлото, односно дома во селото.

ЦУК, во координација со локалната полиција добил информација дека истиот настан е пријавен во ПС Македонски Брод за опасност по луѓе и движење на диви животни.

„Покрај известувањето од пријавата на 112, ЦУК доби дополнителни информации за опасноста од мечката, односно мечките, од 61-годишниот родител – татко на детето, којшто искажа голема вознемиреност и страв за животот на децата заради опасниот последен настан кога мечка го гонела неговиот помал син.

Притоа, тој информираше дека во последната година зачестиле средбите со мечки, односно дека се почесто ги гледаат околу нив. Конкретно, пред еден месец мечка им грабнала една заостаната овца при движење на стадото и ја изела. Тоа го утврдиле на теренот, според пронајдените остатоци од исчезнатата овца и траги, а и измет, од мечката којашто тие ја именуваат како „мршарка“ (којашто јаде месо од угинати животни, но и од животни коишто ќе успее да ги фати, улови).

Инаку, според нивната искуствената проценка (на засегнатото семејство) за средби со диви животни, а и според забележаните траги околу нивното стадо од 300 овци во многу наврати, мечка или повеќе мечки во последната година, а особено во време на последниот еден месец, биле спуштени во понискиот предел во ливадите кон селото Зрзе, но во правец повеќе на селото Дебреште, близу меѓуопштинската граница со Општина Прилеп, а сепак на територија на Општина Македонски Брод.

Според трагите и лаењето на кучињата од селото Крапа, мечката или мечките се движеле и кружеле се почесто и се поблиску до селото, а секако и до и околу трлата со добиток,“ се вели во соопштението.

ЦУК, преку Секторот за операции и координација ги известил сите релевантни служби и институции во Системот за управување со кризи за да се преземат безбедносни мерки за да се заштитат граѓаните и нивниот имот од можни напади диви животни со хумани мерки, во конкретниот случај од мечките на територијата, односно посочениот предел околу селото Крапа во Општина Македонски Брод.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Касами, Гаши, Меџити и Таравари за македонските избори кај косовскиот премиер Курти

Редакција

Ја омаловажувале екипата на Итна помош бидејќи ги замолиле да стават маски при интервенција

Редакција

Кои се повредените при нападот на градоначалникот на Арачиново

Редакција