Развој на нови деловни можности, проширување на постојните економски врски и јакнење на стратешкиот дијалог меѓу деловните заедници на двете земји беа во фокусот на настанот кој се одржа во организација на М6 Едукативен центар и Амбасадата на Република Австрија во Скопје, заедно со канцеларијата на Австриската стопанска комора (AdvantageAustria), информираат од таму.
На настанот присуствуваа претставници на повеќе од 70 водечки македонски и австриски компании од бизнис секторот во Македонија, меѓу кои се вбројуваат: Тиквеш, ЕВН, Триглав АД, АМСМ, Раде Кончар, Дуна, Кабтел, А1 Македонија, Diners, Austrian Airlines, Knauf, Quehenberger, SmartLiving и други.
Присуството на ваков широк спектар на компании укажува на зголемениот интерес за унапредување на меѓусебната соработка и градење на стабилни економски партнерства, посочуваат од таму.
Настанот го отвори претседателот на групацијата М6 Светозар Јаневски, кој укажа на важноста и потребата од градење на просперитетни и одржливи партнерства за зајакнување на економијата на нашата држава, истакнувајќи дека поттикнувањето на довербата и стратешко сојузништво помеѓу македонските и австриските компании се предуслов за економски раст и регионална стабилност.
Амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер и претставници на канцеларијата на Австриската стопанска комора AdvantageAustria ја претставија својата мисија и улога во поддршката на австриските компании во Македонија.
Во рамки на настанот, Австриската агенција за развој ја презентираше Програмата за креирање и финансирање на стратешки бизнис партнерства помеѓу приватниот сектор, насочена кон поттикнување на одржлив економски, еколошки и општествен развој.
Извршната директорка на М6 Едукативен центар, Елена Младеновска Јеленковиќ ги претстави активностите на центарот, кој во својата мисија за трансформација на поединци и компании во државата и регионот, нуди можности за едукација, вмрежување, соработка, проекти и совети од еминентни луѓе од светот на политиката и економијата.
Настанот претставува значаен чекор во интензивирањето на економските односи меѓу Македонија и Австрија, создавајќи основа за нови заеднички иницијативи, инвестиции и растечки економски врски од взаемен интерес.