Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја уважи претставката на обвинителката Ленче Ристоска и утврди дискриминација за нејзината апликација за позиција во Вишото обвинителство.
„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја уважи мојата преставка и утврди директна продолжена дискриминација како потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршена од страна на Советот на јавни обвинители, информираше таа на нејзиниот Фејсбук-профил.
Според одлуката на Комисијата, Советот на обвинители и нејзиниот претседател Антонио Јолевски имаат рок од 30 дена јавно да ѝ се извинат на обвинителката Ристоска за тежок облик на дискриминација кон неа.
„Во време кога е модерно да се декларират заложби за етичко лидерство во институциите и култура на професионален и личен интегритет, како и родова и секој друг вид на рамноправност, декларативноста треба да се замени со практична и јавна подршка на поединците што ги поседуваат овие квалитети и ги водат овие битки.
Воведувањето на мерит систем, наспроти практикување на дискрециони областувања, ќе влијае на зголемување квалитетот на работата и консеквентно на довербата во јавнообвинителскиот систем, бидејќи е едно од најсилните оружја против корупција, клиентелизам и дискриминација“ вели Ристоска.
Ристоска која беше обвинителка во поранешното Специјално јавно обвинителство, поднесе пријава против Советот на јавни обвинители со тврдење дека неправедно и без никаков основ ги игнорирало нејзините апликации за избор во Вишото јавно обвинителство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Постапка за Ленче Ристоска по нејзините критики за влијание во Советот на јавни обвинители
Фото: Телма