еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

ОЈО со насоки за итните постапки за кривични дела против безбедноста во сообраќајот во Скопје

Имајќи ги предвид статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи кои укажуваат на зачестеност на прекршочните и кривичните дела од областа на сообраќајот, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје одржа координативен состанок со полициските служби од СВР Скопје на кои им издаде конкретни насоки за поефикасно постапување при ситуации на загрозување на безбедноста во сообраќајот, а во кои настапиле последици кои содржат обележје на кривично дело, информираат од Обвинителството.

„Насоките налагаат задолжително итно постапување во ситуации кога при сообраќајна несреќа кај возачот/возачите е констатирано управување со возило без возачка дозвола (воопшто не е издадена), поминување на вклучено црвено светло на семафор, очигледна прекумерна брзина, состојба на пијанство, возење во спротивна насока, како и преминување на двојна полна линија.

Итна постапка ќе се води и во ситуации каде возачот го напуштил местото на несреќата и не укажал помош на повредени пешаци или други лица.

Итното постапување на полициските служби во вакви ситуации ќе му овозможи на јавниот обвинител да изврши проценка дали и со какви мерки треба да го обезбеди сторителот во текот на кривичната постапка и да ги заштити граѓаните од евентуално повторување на неговите дејствија.

Како доказ во прилог на кривичните пријави за вакви дела задолжително да се доставува до јавното обвинителство и целосна прекршочна и кривична евиденција за осомничениот, која треба да ги содржи сите поднесени прекршочни и кривични пријави и сите издадени платни налози за лицето.

Во поглед на итност и построго казнување особено да се има предвид дали лицата се повеќе пати застанувани и казнувани за исти прекршоци.

Кривичните пријави да содржат колку што е можно попрецизни, детални и точни податоци за сведоци, пријавени и оштетени со телефонски броеви и адреси од лични карти, но и моментални адреси на престојување.

Со особено внимание да се обезбедуваат докази и да се фотодокументираат сообраќајните знаци кои се во важност на локацијата каде се случила сообраќајна несреќа.

Со овие насоки, дадени во рамките на раководната улога на јавниот обвинител во предистражната постапка, се прецизираат дел од веќе постојните дејствија на службите за обезбедување докази за кривични дела против безбедноста во сообраќајот.

Целта на насоките е да се овозможи поефикасен кривичен прогон на сторителите на вакви дела, а со тоа да се делува и превентивно пред се против зачестеното безобзирно управување со моторни возила со кое се загрозува безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот,“ велат од таму.

Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Наместо да се зближуваме денес за жал сме подалечни од кога било со нашите соседи, порача Мицкоски

Редакција

(Фото) Папатата Франциск од Ковачевски доби плоча од Влатко Стефановски

Редакција

Одењето на ќерка ми кај папата беше според протокол, рече Ковачевски

Редакција