Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека денеска околу 12:30 часот на бројот за итни повици 112 вознемирен планинар пријавил дека едно лице од седумчлената планинарска група паднало во провалија длабока педесетина метри и дека при падот се здобило со сериозни повреди на главата, крвари од главата и е во несвесна состојба.
„Несреќата се случила на територијата на Општина Маврово-Ростуше, пред изворот на Тресонечка Река во близина на месноста „Раскрсницата“. Теренот е непристапен за возила поради што Итната медицинска помош не била во можност да се упати кон местото на настанот.
Од страна на ЦУК веднаш е упатено барање за ангажман на хеликоптер на МВР, а од нивна страна дополнително е ангажиран тим од Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“, за извлекување на настраданото лице, качување во хеликоптер како и транспорт до болница.
Повреденото лице кое не давало знаци на живот, во многу тешки услови за лебдење на хеликоптерот, со силен ветер, високи дрвја и стрмни падини на местото на несреќата, со придружба на специјалец од „САЕ Тигар”, е качено во полицискиот хеликоптер и пренесено до ГОБ „8-ми Септември” во Скопје, каде од страна на докторите е констатирана смрт,“ се вели во соопштението.
Фото: МВР