еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Професорите Мијакоски и Столески дел од европско истражување посветено на алергиите на храна

Во европската истражувачка мрежа COMFA, во која што учествуваат проф. д-р Драган Мијакоски и проф. д-р Сашо Столески од Институтот за медицина на трудот и Медицинскиот факултет во Скопје, за прв пат беа дефинирани критериуми, кои што се валидни на меѓународно ниво, за опсервациските и интервентните студии за ИгЕ-посредуваните алергии на храна.

За таа цел, односно за да се овозможи резултатите од студиите да бидат подобро споредливи помеѓу себе, научниците развија таканаречен „Сет на најважни резултати” (Core Outcome Set – COS).

Овој сет претставува збирка на релевантните параметри кои што се однесуваат на клиничката слика на пациентите со алергија на храна и кои што треба да бидат следени при спроведувањето на истражувањата на ИгЕ-посредуваните алергии на храна.

Резултатите од оваа студија во која што е применет Делфи консензусот се објавени во списанието Allergy и со тоа на светско ниво се поставени основите за стандардизирана проценка на резултатите од научните студии за ИгЕ-посредуваните алергии на храна.

Алергиите на храна се растечки здравствен проблем, особено во развиените земји. Помеѓу 1960 и 2020 година, глобалната инциденца се зголеми од 3 на 7 проценти. Во Македонија се засегнати над 3% од возрасните и 5% од децата. Во случај на алергија на храна, организмот реагира на протеините од храната со ослободување на антитела, како што е имуноглобулинот Е (ИгЕ), што може да резултира со силни имунолошки реакции во форма на исип, чешање, оток и воспаление на мукозните мембрани.

Со цел да се процени и да се подобри ефективноста на постоечките терапевтски модалитети, големо значење има споредливоста на клиничките студии.

„Многу студии за алергиите на храна не можат да се споредат и покрај сличните истражувачки прашања затоа што различни научно-истражувачки тимови анализираат различни резултати при спроведувањето на студиите.

Ова е особено проблематично затоа што на тој начин значително е отежнато сумирањето на знаењата за овој клинички ентитет – алергија на храна“, објаснува проф. д-р Кристијан Апфелбахер, директор на Институтот за социјална медицина и истражување на здравствените системи на Универзитетот во Магдебург.

Според проф. д-р Драган Мијакоски, развојот на „Сет на најважни резултати” за ИгЕ-посредуваните алергии на храна, како дел од проектот COMFA, е важен чекор за истражувачката и практичната работа во насока на воспоставување на стандардизирани параметри на исходот при спроведувањето на опсервациските и интервентните студии.

„Тоа овозможува стандардизирање и подобрување на третманот на алергиите на храна и помага да се забрза развојот на ефективен фармаколошки и нефармаколошки третман“, истакнува Столески.

После опсежното проучување на достапната литература и квалитативната студија реализирана во повеќе фази со помош на методот Делфи, групата научници ги идентификуваше „алергиските симптоми“ и „квалитетот на животот“ како најважни резултати кои што треба да се следат при спроведувањето на студиите за ИгЕ-посредуваните алергии на храна. Во овој научно-истражувачки процес учествуваа вкупно 778 лица од 52 земји.

„Наодите кои што се добиени со ова истражување ќе помогнат да се подобри споредливоста на студиите и да се подобри квалитетот на резултатите. Тие, исто така, ќе овозможат резултатите од истражувањата да бидат вклучени во мета-анализите со цел што побрзо да се искористат наодите од новите студии во насока на подобрување на квалитетот на третманот на пациентите,“ нагласува истражувачкиот тим на COMFA.

Понатамошната работа на COMFA сега ќе се фокусира на идентификување на оптималните мерни алатки за проценка на симптомите и квалитетот на животот со цел дополнително да се подобри ефективноста на терапевтските интервенции кај овие пациенти. Во исто време, потребно е да се реализира интензивна соработка со истражувачките институции, фармацевтските компании, производителите, организациите на пациенти и другите групи на интерес чија цел ќе биде промоција на долгорочната примена на „Сетот на најважни резултати”.

Професорите Мијакоски и Столески нагласуваат дека ваквите активности имаат големо значење во услови кога бројот на пациентите со алергија на храна се зголемува и во нашата земја.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Тинејџерката Антониа Гиговска победи на Макфест

Редакција

Ќе се отворат само угостителските објекти што имаат тераси и ќе работат до 20 часот

Редакција

Тендер тежок 250.000 евра: „Македонски шуми“ купува теренски возила

Редакција