На претседателските избори во Русија, актуелниот претседател Владимир Путин освоил 87,97 отсто од гласовите покажуваат првите излезни анкети.
Вкупната излезност на претседателските избори во Русија е 74,22%. Одѕивот на гласачите во Москва бил околу 66 отсто.
Гласањето во Русија траеше три дена, а гласачите можеа да изберат дали ќе гласаат на традиционален начин, користејќи хартиени гласачки ливчиња или електронски преку терминали за гласање. Можноста за електронско гласање на овие избори ја искористиле осум милиони Руси.
Ова се први претседателски избори на кои гласаат и жителите на четирите украински региони – регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа анектирани од Русија во септември 2022 година.
Во Русија право на глас имаат околу 110 милиони граѓани. Конечните резултати од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28. март.
Фото: Кабинет на Путин