еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Утре двочасоен протест на вработените во Пошта

Синдикалните организации на Македонска пошта најавија дека утре од 08 до 10 часот ќе одржат протест пред Дирекцијата и во сите подружници на националното акционерско друштво Пошта, преку кој ќе побараат исплата на платата за минатиот месец и решение за состојбата во поштенското претпријатие.

Според Синдикатот на Македонска пошта, поради алармантноста на состојбите и финансиската криза во која е доведена Пошта, вработените се загрижени за опстојување и иднината на Пошта, зачувување на работните места и егзистенција на нивните семејства.

„На протестот вработените ќе го изразат револтот и загриженоста од серизноста на состојбите во која е доведена АД Пошта предизвикани од финансиската криза, крајно лошата организација во работењето, необезбедени услови и средства за работа, а најголемата загриженост и револт кај вработените е предизвикано од грубото непочитување на работничките права од страна на работодавачот.

Односно, работодавачот и покрај законската обврска за редовна исплата на плата, не им исплати плата на работниците во законскиот рок до 15-ти во месецот, за февруари 2024 година доведувајќи ги работниците до работ на егзистенција и неможност за обезбедување пристоен живот на нивните семејства, со тоа работодавачот го прекрши елементарното работничко право на плата и непочитување на достоинството на работниците,“ наведува во пишана изјава претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигденов.

Револтот и стравувањата, дополнува Велигденов, се дотолку поизразени од крајно лошата финансиска состојба на Друшвото и неизвесноста за редовна исплата на плата во нареден период .

„Комуникацијата со раководството е на многу ниско ниво, немаат слух за проблемите на своите вработени и не се придржуваат до договорените ставови, права и обврски.

Сите досегашни средби со менаџментот не вродија со плод, односно немање спремност за реформирање и реорганизање на друштвот кое е повеќе од потребно, токму затоа принудени од актуелната ситуација, огромната неизвесност за иднината на нашата компанија и зачувување на работните места вработените – членови на синдикатите својот револт и незадоволство ќе го искажат на општ протест,“ стои во најавата за протестот.

Синдикатот најави дека утре во 10 часот по завршувањето на протестот пред Дирекцијата на Поштата ќе одржи прес-конференција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Агенцијата за супервизија на осигурувањето вработува, плата до 51.950 денари

Редакција

Детали за 25-годишниот пациент од Берово, кој почина од сепса: На Ургентен во Скопје бил примен во многу тешка состојба, со знаци за тешка системска инфекција

Редакција

Денеска стартува кампањата за првиот круг од претседателските избори, ќе трае до 22. април

Редакција