Во пораката – Пасхално послание, во пресрет на големиот празник Велигден, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, меѓудругото вели дека трагедијата во Кочани за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и молитви сиот наш народ, но и сите оние што сочувствуваа со нас.
-Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝпретходеле горчливи солзи.
Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега.
Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани.
Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас.
Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта.
Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност.
И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: “Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели“.
Целата порака ОВДЕ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Галерија) Македонија се подготвува за Велигден
Фото: МПЦ-ОА