еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Антикорупциска наместо за корупција на „тапет“ за дипломатски пасоши

Членовите на новиот состав на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) или попозната како Антикорупциска комисија, се на „тапет“ на медиумите и јавноста, бидејќи побарале дипломатски пасоши и службени возила.

Претседателката Татјана Димитровска веќе добила дипломатски пасош, а другите членови чекаат да добијат. Таа го добила истиот со потпис од претходниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој не одобрил дипломатски пасоши и за другите шест членови.

Поради бурните реакции во јавноста се огласија и од Антикорупциска, од каде велат дека дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на Комисијата и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цел.

Од таму велат дека ова право им го дозволува Законот за патни исправи на државјани во членот 11 каде се наведува дека „дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државните органи“.

Го нападнаа и претходниот состав на ДКСК, наведувајќи дека тоа што претходниот состав на Комисијата штедел пари на граѓаните е популизам. Сметаат дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам.

-Дополнително поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети.

Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба, бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство, велат од новиот состав на Комисијата

Ги негираат и информациите дека побарале доделување на службени автомобили.

На нивната реакција, реагираше поранешната претседателка на Комисијата, Билјана Ивановска, според која изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењето велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам.

-По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам, вели Ивановска.

Според неа, соопштение на ДКСК претставува навреда за сите совесни функционери кои се однесуваат домаќински со народните пари и за сите совесни граѓани кои почитуваат европски вредности и се грижат за животната средина.

-Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не не спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со Европската комисија во Брисел, вели таа.

Се јавија и од Министерството за надворешни работи (МНР) кои ги издава дипломатските пасоши.

-Околу дипломатските пасоши, членовите на оваа Комисија не спаѓаат во категоријата на лица кои согласно актите што ја регулираат оваа проблематика имаат задолжително право на дипломатски патни исправи. Доколку министерот смета дека е потребно, Министерството за надворешни работи има право да издава дипломатски пасоши, велат од таму.

Според МНР, членовите на Комисијата барањата за дипломатски пасоши ги поднеле во април.

Во однос на останатите членови, наведуваат од МНР, „министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да се донесе соодветна одлука, односно доколку има оправдани причини евентуално и тие да добијат дипломатски пасоши“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Во живо) Продолжи седницата на која се расправа за „францускиот предлог“

Редакција

Две лица се ранети при пукањето во „Ист Гејт“, тешко бил повреден Раде Трајковски Штекли

Редакција

Митрополит Тимотеј: Го очекуваме доаѓањето на вселенскиот патријарх и доделувањето на томосот

Редакција