Поради измените на Кривичниот законик, Апелациониот суд Скопје ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“, кој се однесува на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд.
За случајот беа осудени поранешниот премиер и лидер на партијата, Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.
-Апелациониот суд Скопје одлучувајќи по предметот КЖ-232/23 познат во јавноста како Талир 2, по одржаната јавна седница на 23.11.2023 година, а на нејавен дел од седницата на 26.01.2024 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Н.Г, К.Б, на ОЈО Скопје и на правното лице ВМРО – ДПМНЕ, сите изјавени против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1413/19 од 07.06.2022 година, а одлучувајќи по жалбите и по службена должност поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд, информираа од Апелација.
Груевски доби и нов 30-дневен притвор сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
-Воедно, со посебно решение, Судот спрема обвинетиот Н.Г. – недостапен на органите на прогонот, определи мерка притвор во траење од 30-триесет дена сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во член 165 став 1 точка 1 од ЗКП – опасност од бегство, велат од Судот.
Пресудата за „Талир 2“ Кривичниот суд Скопје ја донесе во јуни 2022 година, а според истата Груевски и Божиновски ја искористиле службената положба и овластување и спротивно на законите за политичките партии и за финансирање, овозможиле склучување договор за градење помеѓу партијата и правното лице „АД Бетон“ и противправно прибавиле објект и имотна корист од преку 132 милиони денари.
Според првостепената пресуда Груевски доби шест години затвор, Божиновски условна, а судот донесе и одлука за конфискација на седиштето на ВМРО ДПМНЕ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обвинението за „Талир 2“ е паушално, смета одбраната на Груевски
За што се работи во предметот „Талир 2“ на СЈО, за кој зборува Заев во новата аудио снимка