еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Ацковска Тодоровска: Државата треба да даде поголема поддршка за обуки и развој на вештини на младите

Младинската невработеност е важен предизвик за нашето општество и за Европа генерално. Сепак, невработеноста иако е истакната причина за иселувањето на младите од нашата земја, не е и единствена причина за овој феномен. Младите луѓе имаат потреба да бидат слушнати, да бидат разбрани и секако да имаат услови за квалитетен живот, вели во интервјуто за еМагазин.мк, Ивона Ацковска Тодоровскa која e член на ИПА проект „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ и Службеник за млади на Агенцијата за вработување.

Општата цел на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантиран минимален приход, со ефективно вклучување на ранливите категории на пазарот на трудот, преку нивно вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. Кажете за овие програми и услуги кои ги реализира проектниот тим?

– Овој проект почна со имплементација од 2019 година и во него се опфатени сите невработени лица во нашата држава кои имаат можност да се вклучат на пазарот на трудот преку специјализирани програми и услуги за развој на вештини.

Како проектен тим работиме на реализација на овие програми и услуги со единствена цел намалување на долгорочната невработеност и зависноста од гарантиран минимален приход и полесно вклучување на овие лица на пазарот на труд.

ИПА проектот се состои од две компоненти. Првата компонента ја претставуваат услугите за советување и мотивација (СИМ програма), каде преку психосоцијална и менторска поддршка на лицата им се помага полесно да се активираат и интегрираат на пазарот на труд.

Втората компонента ја претставува Програмата за поддршка за вработување чија основна цел е подобрување на вештините и знаењата на невработените лица со помош на обуки, едукација, практична работа и субвенционирано вработување за да се олесни нивната инклузија на пазарот на трудот.

Во оваа програма се опфатени пет активни мерки кои се реализираат од Агенцијата за вработување: обуки за побарувани занимања, обука кај конкретен работодавач, практикантство, субвенционирано вработување и мерката Втора шанса. Проектниот тим, во соработка со колегите од Агенцијата и од сите 30 центри за вработување, го координира целиот процес од активација на лицата до нивното вклучување во некоја од активните мерки.

На кој начин доаѓате до ранливите групи граѓани и дали истите се интересираат за поддршката преку проектот?

– Многу важно е да се потенцира дека проектот започна со целна група – невработени лица, корисници на гарантирана минимална помош (ГМП), а во текот на имплементацијата се прошири со лица од други ранливи категории како долгорочно невработени лица, млади до 29 години, жени, Роми и лица со попреченост.

Вклучувањето на овие групи на пазарот на трудот се реализира преку нивно советување, мотивација и обуки за подигнување на знаењата и вештините. Соработката која ја воспоставивме и координиравме помеѓу центрите за вработување и центрите за социјална работа е појдовна точка за подобра реализација и вклучување на невработените лица од ранливите категории во проектните активности.

За лицата да бидат таргетирани од страна на Центрите за вработување, предуслов е да бидат невработени и пријавени како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување. Понатаму, Центрите вршат селекција на најлесно вработливите членови од ГМП домаќинствата и за нив подготвуваат Индвидуален план за активација што е услов лицето да ги користи услугите и мерките од проектот.

Додека за активните баратели на работа од останатите ранливи групи се изготвува Индивидуален план за вработување 2. Самиот процес на соработка помеѓу центрите беше унапреден во 2021 со воспоставување на систем за електронска размена на податоци помеѓу институциите, што го подобри квалитетот на процесот на селекција и овозможи негова поголема ефикасност.

Значајно е што преку проектот, а посебно преку пилот програмата за советување и мотивација, кај голем дел од лицата кои што беа поддржани, има промена во однос на довербата кон институциите и промена на перцепциите во однос на вклучувањето на пазарот на трудот. Меѓутоа секогаш постојат стигми кои ја попречуваат оваа промена и и даваат голем акцент особено на младинската невработеност во нашата држава.

Ја споменавте младинската невработеност, како еден главен општествен проблем во нашата држава. Кажете ни како би ги мотивирале и насочиле младите лица да земат учество во еден ваков проект и со тоа да се вклучат на пазарот на труд?

– Младинската невработеност е важен предизвик за нашето општество и за Европа генерално. Сепак, невработеноста иако е истакната причина за иселувањето на младите од нашата земја, не е и единствена причина за овој феномен. Младите луѓе имаат потреба да бидат слушнати, да бидат разбрани и секако да имаат услови за квалитетен живот.

Живееме во време кога границите се отворени, а со тоа сè е достапно, кога младите сакаат да ги избришат границите за да ги запознаат другите земји и култури, кога сакаат подобро вработување, подобри плати, образование и можности за напредок. Тоа ги поттикнува младите, ги вади од локалниот контекст и многу лесно ги позиционира во светот, посебно водени од економски мотиви.

Во вакви услови неминовно се поставува прашањето: Како да ја спречиме потребата на младите луѓе да заминат од дома? Така, Програмата за поддршка за вработување која ја нуди овој проект и чија што основна цел е подобрување на вештините и знаењата на невработените лица со помош на обуки, едукација, практична работа и субвенционирано вработување, ги вклучува и младите лица активни баратели на работа како целна група.

Исто така, Агенцијата за вработување преку реализација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд ги поддржува младите лица и им овозможува полесно интегрирање на пазарот на трудот. Имплементацијата на „Гаранција за млади“ (ГМ) има цел да им обезбеди на младите лица (15-29 години), во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантство. Законот за младински додаток го регулира правото на негово користење во износ од 3.000 денари за секое младо лице вклучено во производствена дејност.

Практиканство, како една од најактуелните мерки кои најчесто е користена од ИТ компаниите при регрутирање нови вработени, е мерка која дава можност секое младо лице да ги зајакне своите работни вештини и лесно да добие пристап до компаниите. Исто така, би ја издвоила и мерката Самовработување, како можност младите лица да започнат сопствен бизнис.

Сакам да упатам порака до сите млади лица да се охрабрат и да создадат свое место на пазарот на трудот кое ќе ги доведе до реализирање на желбите и соништата кои ги имаат. Истрајноста, упорноста и вербата во себе се вештини кои младите мора да ги имаат на патот кон исполнување на секој сон.

Вие, покрај вршењето на јавна служба согласно Законот за административни службеници, сте носител и на функцијата Службеник за млади на Агенција за вработување. Кажете ни нешто повеќе околу задачите и обврските кои ги има оваа позиција?

– Младите претставуваат носители на креативни и иновативни промени во секое општество. Во таа насока, преку одредени механизми и алатки младите треба да ги пренесат своите идеи до органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа. Постоењето на службеник за млади дава можност за полесно спроведување на овие идеи во рамки на секоја институција, а го предвидува Законот за младинско учество и младински политики.

Тоа е лице одговорно за координирање, спроведување и следење на прашања од интерес на младите во делокругот на надлежностите на институцијата. Целта поради која сум назначена како Службеник за млади во институцијата е да овозможи побрза и поедноставна комуникација помеѓу младите и сите форми на младинско организирање со Агенцијата за вработување.

Од тука, произлегуваат и работните задачи и обврски кои се извршуваат со оваа позиција – развивање, планирање и следење на активностите поврзани со младите и младинските политики.

Ваше мислење – како младите да ги задржиме во земјава со оглед на тоа дека се повеќе од нив заминуваат во други држави?

– Секој млад човек стреми да направи нешто за себе со што би имал сигурна и убава иднина и тоа е сосема јасно и оправдано. Токму од таа гледна точка произлегува и моето мислење дека државата треба да даде поголема поддршка за обуки и развој на вештини на младите кој ќе продуцира кадри според потребите на пазарот на труд, како и поттик за развој на поширок спектар професии со кои вработувањето ќе биде загарантирано.

Потребно е да се анализира постојаната ситуација и да се постави терен за идна соработка и креирање младински политики за спречување на одлевањето на високообразовни млади луѓе од државата и подигнување на свеста за можностите дома. За да се спречи овој тренд на масовно иселување, сметам дека многу е важно да се направи Стратегија во образовниот процес со која ќе се обезбеди побрз пристап на вработување, од образование директно кон работно место.

Мора да се разговара отворено во македонското општество, директно да се каже кои се професиите на иднината и што бараат младите од една, а што очекуваат бизнисите од друга страна. Само на ваков начин може да се направи синергија и долго посакуваната поврзаност на двете страни на пазарот на трудот. Можности постојат и тука, доколку ги креираме!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од неколку лица физички напaднат градоначалникот на Арачиново

Редакција

Проф. Трајковски: Бранот е во тек во Куманово, започнува во Скопје, следно е Кавадарци, ни Гевгелија нема да биде поштедена

Редакција

Денеска е Велипеток, најтешкиот ден во годината за Христијаните

Редакција