Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој од денеска е во посета на Македонија, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски подвлече дека безбедноста на Западен Балкан е од суштинско значење за НАТО и, како што рече, тука има причини за загриженост.
-Во Босна и Херцеговина се појавија тензии и тука ги охрабрувам политичките лидери да се воздржат од поделбени и сецесионистички реторики, и наместо тоа да ги концентрираат своите напори на помирување и на мирна иднина.
Во Косово неодамна видовме инциденти со сериозно насилство. Белград и Прштина мора да се впуштат во дијалогот којшто е олеснет од ЕУ затоа што тоа е единствениот начин да се дојде до решението ќе ги почитува правата на сите заедници, рече тој.
Посочи и дека Македонија е ценет сојузник на НАТО.
-Навистина ве цениме и многу ги цениме вашите придонеси кон нашата Алијанса. НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија може да се потпре на НАТО, подвлече тој.
-Вие придонесувате кон безбедноста и стабилноста на Западен Балкан преку нашите мировни мисии со КФОР на Косово, решени сте да дојдете до два проценти од БДП, потрошени на одбраната до следната година, а Северна Македонија силно ја осуди и руската агресија против Украина.
Се приклучивте на ЕУ во наметнувањето санкции кон Москва и нудите воена и финансиска поддршка на Украина. Алијансата ви гарантира безбедност. Покриени сте од авионите на НАТО, и ова е всушност солидарноста на НАТО на дело, рече Столтенберг.
Фото: Влада