Без да наведе за кои изјави на Христијан Мицкоски реагира, бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) го обвини македонскиот премиер дека ја искривува реалноста и ја поткопува европската интеграција на Македонија и добрососедските односи.
Од бугарското МНР изразуваат и длабоко разочарување и категорично ги осудуваат неговите последни изјави. Според бугарските медиуми станува збор за вчерашната изјава на Мицкоски во врска со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Вчера во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање за состојбата со Македонците во Албанија и дали нашата Влада ќе се заложи да се отвори македонски конзулат во Корча, Мицкоски, меѓудругото рече дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот, го нема тој услов.
Од бугарското МНР нагласуваат дека прашањето за правата на Бугарите во Македонија не е билатерален спор меѓу двете земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди, па повторуваат дека напредокот во процесот на европска интеграција на земјава е можен само преку „целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ“.
„Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето нивна еднаквост се основни принципи на Европската Унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи“, велат од таму, потенцирајќи го “фактот“ дека огромен број граѓани на Македонија се стекнале со бугарско државјанство, „признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет“.
Бугарското МНР ги повика властите во Македонија да се воздржат од реторика која, како што се наведуваат од таму, поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата.
„Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“, велат од таму.
Фото: бугарско МНР/Фејсбук