еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Видео) Одземени 1 милион лажни евра: Сите детали за акцијата „Вардар“

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека вчера е реализирана е меѓународна акција „Вардар“, координирана од страна на ЕУРОПОЛ, македонската и српската полиција, а под раководство на надлежните јавни обвинителства, при што сузбиена е организирана криминална група инволвирана во извршување на кривично дело фалсификување пари, која делувала на териториите на повеќе држави.

-Во периодот од крајот на 2023 година до февруари 2025 година на територијата на Република Северна Македонија и на Република Србија формирана е организирана криминална група, составена од македонски и српски државјани, која имала за цел изработка и пуштање во оптек на фалсификувани пари.

Во стан на подрачје на Скопје, по претходно направени специјални машини со гравирани плочи кои имитирале сигурносни знаци на пари, биле изработувани лажни пари во различни апоени.

Вака изработените лажни пари организираната криминална група ги пуштала во оптек во платниот промет на Република Северна Македонија и Република Србија, а голем дел од нив завршувале и во платниот промет на Австрија, Германија, Романија, Словенија, Хрватска и Косово.

Во рамки на акцијата на територија на Република Северна Македонија, врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Велес и Прилеп кај правни и физички лица, при што лишени од слобода се 10 лица (девет лица од Скопје и едно лице од Велес), информираа од МВР.

При извршените претреси пронајдени и одземени се предмети и парични средства кои ќе бидат предмет на вештачење и тоа: околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 500 хрватски куни, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни и 25.000 рубљи, CNC машина за изработка на калапи, калапи, жигови и валјаци со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, три пиштоли, една пушка, 100 парчиња куршуми калибар 9 мм, 40 патрони калибар 12 мм, кесе исполнето со бела прашкаста материја, кафеава прашкаста материја, повеќе телефонски апарати, СИМ картички, УСБ и лаптопи.

-Во рамки на акцијата спроведена во Република Србија лишени од слобода се шест лица, членови на организираната криминална група, при што пронајдени и одземени се околу 153.700 евра.

Активностите ќе продолжат и понатаму во рамки на отворената меѓународна истрага и во текот на денешниот ден од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал ќе биде поднесена кривична пријава против шест македонски и двајца српски државјани, информираа од таму.

Од Основното јавно обвинителство пак за акцијата информираа дека е отворена истражна постапка против шест лица за кои постои основано сомнение дека како организирана криминална група фалсификувале европска валута – евра во различни апоени.

-Осомничените, освен кривично дело Злосторничко здружување, сториле  и кривично дело – Фалсификување пари, додека на прво и на петто осомничениот им се става на товар дека сториле и кривично дело – Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.

Дополнително, за првоосомничениот постои основано сомнение дека сторил и кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело.

Од крајот на 2023 година, па сѐ до февруари 2025 година, првоосомничениот заедно со тројца други осомничени создал група што имала за цел вршење на кривично дело Фалсификување пари на територијата на РС Македонија и на територијата на Р Србија, на која група припадници станале четврто и шесто осомничените и српските државјани за кои се води постапка во Р Србија, како и други НН лица, велат од таму.

При претресите се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 1.000.000 евра, но и американски долари, швајцарски франци, израелски шекели, хрватски куни, албански леки, шведски круни и руски рубљи, посочуваат од таму.

-Секој член на групата имал определена улога во планот и во извршувањето на кривичните дела. Првоосомничениот, во стан, во населба Чаир, кој го нарекувал своја „канцеларија“, заедно со неговиот син – второосомничениот, ги правел лажните пари во апоени од 50, 100 и 200 евра, а од Република Турција набавувал лажни пари во апоени од 500 евра и 100 американски долари.

Трето, четврто и шесто осомничените и останатите членови на групата – српски државјани за кои се води постапка во Р Србија, секој со своја улога пронаоѓале заинтересирани лица за купување на лажните банкноти и вршеле транспорт и дистрибуција на истите до крајните купувачи во Македонија, Србија и Косово.

Петтоосомничениот имал задача и улога неовластено да изработува машини за правење лажни пари, гравирани плочи што имитирале сигурносни знаци на пари, како и специјални машини со индуктор и да ги одржува машините, пресите, плочите и другите работи што служат за правење на лажни пари.

Со своите дејствија, во наведениот период, групата во десет наврати преку симулиран откуп на предмети – пари, направиле и  пуштиле во оптек лажни пари како вистински во износ од најмалку 119.250 лажни евра, во апоени од 50, 100 и 200 евра во платниот промет на Р Србија за кои добиле противправна имотна корист од најмалку 38.850 евра.

Со ваквото пуштање на лажните пари како вистински во платниот промет во РС Македонија, Р Србија и други држави дошло до нарушување на нормалното функционирање во стопанството.

Притоа, првоосомничениот парите што за продажба на лажните банкноти ги примал во готово, дел на трансакциска сметка во банка и дел преку услугата брз трансфер на пари на негово име и на име на неговите сопруга и син, ги легализирал подигнувајќи кредити од банка или од финансиските друштва за брзи кредити.

Дел од парите си ги исплаќал во вид на плата преку правно лице, дел ги вложил во недвижен и подвижен имот, а најголем дел ги префрлил на е-волет сметка за тргување со криптовалути.

Ценејќи ги околностите, поврзаноста на осомничените, како и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за шестемина осомничени, велат од Обвинителството.

Фото: Унсплеш/видео: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лицата кои се вакцинирале со „Синофарм“ под итно да се вакцинираат со трета доза, вели директорот на Клиничкиот центар во Ниш

Редакција

Девет починале: Вкупно 1.013 лица по вторпат заболеле од Ковид-19, две по третпат

Редакција

МВР предупредува: Зголемен број лажни наградни игри, граѓаните да внимаваат со личните податоци

Редакција