еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Граѓаните наплатиле 5,3 милиони евра од здравствено осигурување за пет месеци

Осигурениците наплатиле 324,4 милиони денари (5,3 милиони евра) од осигурителните компании за медицински трошоци покриени со нивните полиси за приватно здравствено осигурување во првите пет месеци годинава, покажуваат податоците кои осигурителите ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Осигурителните компании годинава исплатиле 1,2 милиони евра повеќе пари за медицински трошоци покриени со осигурување во споредба со истиот период лани. Во зависност од видот на осигурување, премијата и осигурените суми осигурениците добиваат покритија за трошоци направени за приватни прегледи, испитувања, снимања и операции. Приватното здравствено осигурување е најпопуларен осигурителен продукт меѓу другото и затоа што се поголем број на компании го користат во нивните политики за привлекување работници, а воедно и за лојалност за вработените.

Во првите пет месеци вредноста на исплатените штети за сите класи неживотно осигурување изнесува 1,95 милијарди денари (31,7 милиони евра). Во однос на истиот период во 2023 година вредноста на штетите што ги исплатиле компаниите за осигурување е повисока за речиси 2 милиони евра односно за околу 7 отсто.

Процентуално највисок раст на исплатените средства за штети покриени со осигурување има кај патничкото осигурување. За првите пет месеци осигурителите за изгубен багаж, медицински трошоци при патување во странство и други штети покриени со тоа осигурување исплатиле 42,9 милиони денари (700.000 евра). Тоа е за 40 отсто повеќе од истиот период лани.

По приватното здравствено осигурување, од сите доброволни класи, најголема исплата на штети има за каско осигурени возила. За пет месеци нивните сопственици од пријавени штети наплатиле 303,5 милиони денари (4,9 милиони евра). И тоа е за 26 отсто повеќе од претходната година.

Во најголемата осигурителна класа, која воедно е и законски задолжителна, тоа е автомобилската одговорност се исплатени 998,4 милиони денари (16,2 милиони евра). И тоа е малку повеќе од половина од вкупно исплатените средства за штети покриени со осигурување.

Во првите пет месеци годинава 11 осигурителни компании за неживотни осигурувања исплатиле над 58.400 штети на осигуреници.

Повеќе информации за осигурителниот пазар се достапни на следниот линк: aso.mk.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Доктор Лазаров ги повика приватните лаборатории да донираат ковид-тестови, за оние кои не можат да си дозволат да се тестираат

Редакција

АСОМ: Со одлука на Владата спортските обложувалници ќе работат само преку шалтерски систем

Редакција

Клучниот сведок во „Титаник 3“: Функционерите на ДУИ, Алими и Гури земаа записници

Редакција