Денес го празнуваме Рождеството на Синот Божји, но од секого од нас зависи дали Тој ќе се роди и во нас, дали ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста којашто Христовото рождество ја носи со себе, се вели во Божиќното послание на архиепископот г.г Стефан.
„Воплотувањето на Бога, во личноста на Господ Исус Христос, е настан со значење за сиот свет и за сите времиња. Преку тоа собитие, целото создание се преобразува, а на човештвото му се овозможува учество во божествениот живот и му се дава слобода преку победата над гревот и над смртта.
А еден од даровите на тој спасоносен настан е потврдувањето на вистината дека секоја личност е посебна и неповторлива, обдарена со посебни дарови и таланти. Христијанството ја возвестува вистината дека секоја личност има непроценлива вредност пред Бога, Кој толку го возљуби човекот и светот, што самиот Себеси Се понижи до таа мера да се роди во пештера, да прими лик на слуга, па дури и да биде распнат на Крст – за сите и за сè.
Оваа вистина треба да ни послужи како поттик да дадеме сè од себеси, за во духовниот раст да Му се уподобиме на Христа, Кој, бивајќи Богочовек, е наш совршен пример на човечко битие. Тоа духовно растење, пред сè, започнува да ни се укажува преку Божјиот глас во секого од нас, што ние го нарекуваме совест, а совеста, пак, е како витлеемската ѕвезда којашто нè води до Господа Христа. И токму следењето на таа светлина е почетокот на покајанието, коешто доведува до вистинска промена на нашите животи,“ се вели меѓудругото во посланието.
Во него се додава дека „како што радоста и љубовта нѐ прават вистински Христови следбеници, така зависта и љубомората се моќни чувства кои можат целосно да нѐ уништат, правејќи нѐ робови на омразата и на стравот.“
„Сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Него, од Господа. Да се почитуваме меѓусебно, со даровите коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова. Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усоврушување во радоста на Светиот Дух,“ се додава во посланието.
Фото: Влада