Владата го усвои деветтиот пакет антикризни мерки, кој е во вредност од 662 милиони евра. Истиот содржи 26 мерки за социјална сигурност.
„Овој пакет содржи 26 мерки за социјална сигурност, насочени кон таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка за надминување на потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза.
Со мерките се опфаќаат 120.000 млади лица, над 740.00 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ. 600.000 домаќинства, како и над 70.000 компании,“ изјави на прес конференција премиерот Димитар Ковачевски.
Тој додаде дека со системските мерки за 2023 и 2024 година се опфатени над 338.000 пензионери и 106.000 вработени во администрацијата.
За мерките наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците издвоени се средства во износ од 156 милиони евра.
„Во овој пакет мерки, обезбедивме поддршка за зголемување на ученичкиот стандард, за основците и средношколците од ранливи категории на семејства со ниски примања, до 50.000 денари.
Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра.
15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните седум месеци месечно ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра,“ додаде Ковачевски.
Во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, за самохрани родители – корисниците на Гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓани, со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра.
„Во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари, 2.000 денари, додека, пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните пет месеци ќе имаат поддршка од 1.500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187.000 пензионери.
Следната мерка е за земјоделците. Нашата цел е зголемено домашно производство на земјоделски производи, но и вреднување на трудот на земјоделците. Со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството. За оваа мерка предвидени се 8,1 милиони евра.
Преку Програмата за енергетска сиромаштија, предвидени се 1 милион евра за финансиска поддршка на над 5.000 семејства.
Предвидени се 1,1 милиони евра за околу 2.250 корисници, за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Поточно, поддршката за фотонапонски панели е до максимум 80.000 денари, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ. Со тоа ја реализираме нашата долгорочна определба за енергетска транзиција и зелен развој на земјата.
Продолжуваме и со мерката за субвенционирање на струјата, со што продолжуваме 90% субвенционирање на цената на струјата. Овозможуваме субвенционирана цена на електричната енергија за 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи, за што проценката е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.
Ја субвенционираме и цената на топлинската енергија. Парното за домаќинствата и компаниите, за 63.000 корисници во Скопје и оваа зима ќе биде обезбедена и субвенционирана, за што проценета е импликација од 7,4 милиони евра.
Продолжуваме со финансиската поддршка за сметките за струја која е предвидена за домаќинства со ниски приходи – корисници на ГМП и социјална пензија, за кои поддршката изнесува 1.200 денари месечно во наредните шест месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50.000 корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра.
Обезбедени се средства за поврат на ДДВ, преку мерката „Мој ДДВ“, за што предвидовме зголемен праг до 2.100 денари за секое тромесечие поединечно. За оваа мерка предвидени се 42,2 милиони евра, а ќе опфатиме речиси 540.000 корисници,“ изјави Ковачевски.
Како дел од мерките е и законско решение со кое се ограничува затезната камата до висина на долгот, а воедно планирана е мерка со која се намалува висината на стапката на казнената камата за 3 процентни поени за граѓаните со низок доход.
„Со конкретни мерки ја одржуваме и ликвидноста на компаниите, ја поттикнуваме конкурентноста, обезбедуваме поддршка за инвестиции во обновливи извори. За поддршка на приватниот сектор во овој пакет се предвидени 492 милиони евра.
Во рамките на овие мерки, предвидени се поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори, преку издавање на зелена обврзница.
Го прошируваме опсегот на компании корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање, за што се предвидени 39 милиони евра.
Во соработка со Европската инвестициона банка предвидуваме поволна, седма кредитна линија за зелена транзиција вредна 100 милиони евра, за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори, по принципот 1+1.
Во соработка со Француската агенција за развој, предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра, за поддршка на женско претприемништво, дигитализација и проекти со што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина.
Во соработка со Банката за развој на Советот на Европа, планирани се 50 милиони евра за поволни заеми за мали и средни претпријатија создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претприемништво, за зелени инвестиции.
Преку инструментот на ЕБОР за „зелено финансирање“ обезбедуваме поддршка за малите и средни претпријатија, за поединци и домаќинства, да инвестираат во обновливи извори на енергија и иновативни решенија за енергетска ефикасност во висина од 790.000 евра.
Како дел од мерките предвидовме и одлука за одобрување на користење на дехидрирано млеко за производството на млеко и млечни производи, со што ќе се придонесе за намалување на малопродажните цени млекото и млечните производи.
Работниците се силата на економијата и на целото општество. Во овој пакет мерки обезбедивме финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари.
Продолжува поддршката за јавниот сектор, за што вкупно се предвидени 14,9 милиони евра.
Во соработката со Светска банка, предвидени се поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја. За оваа цел се издвоени 10 милиони евра.
Воедно, обезбедени се 5 милиони евра за Фонд за енергетска ефикасност во Развојната банка, а во соработка со Светската банка, со цел финансирање на проекти во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, мерка која крајно треба да обезбеди за јавниот и приватниот сектор намалена потрошувачка на електрична енергија.
Она што би сакал да потенцирам е дека и покрај овие антикризни мерки продолжуваме и со системските мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетска криза за што се предвидени 516 милиони евра и тоа 189 милиони во 2023 година, и 327 милиони евра во 2024 година.
Од нив, 36,2 милиони евра за зголемувањата на платите во јавниот сектор преку усогласување со порастот на минималната плата и тоа за 2023 година.
52 милиони евра се обезбедени за зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, односно пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За истата мерка која предвидува покачување на платите, во 2024 година се предвидени 150 милиони евра.
И за крај, за 2023 година обезбедени се 100 милиони евра финансиски средства за исплата на зголемени пензии за над 338.000 пензионери. За 2024 година, за пензионерите и покачувањето на пензиите, согласно методологијата, одвоивме 178 милиони евра. Затоа што пензионерите заслужуваат достоинствена старост и затоа што заслужуваат системски решенија со кои континуирано ќе им растат примањата,“ дополни премиерот.
Фото: Унсплеш