еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Д-р Пејкова во Клиника Жан Митрев применува најнови методи за дијабетично стапало

Дијабетесот е глобален здравствен предизвик со сè поголема инциденца на светско ниво. И покрај континуираните напори за развој на нови лекови и стратегии за одржување на нормални гликемиски вредности, потребно е внимателно следење на можните компликации од болеста.

Дијабетичната невропатија има прогресивен тек и доколку не се открие навреме, станува иреверзибилна. Сепак, со рана идентификација и соодветен третман може да се придонесе да се намалат компликациите, да се спречат дијабетични улкуси, инфекции и потребата од ампутации.

Доцент д-р Софија Пејкова, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, како надворешен соработник во клиниката го применува методот на д-р Делон како ефикасен пристап за менување на текот на дијабетичната невропатија на стапало. Соработката со д-р Делон, професор по пластична и неврохирургија на Медицинскиот факултет при Универзитетот Џон Хопкинс во Балтимор – САД и истакнат хирург и научник, доведе до тоа овој метод да почне да се применува во Македонија.

Д-р Пејкова во јануари годинава беше гостин предавач на годишната конференција на Американската асоцијација на периферни нерви (АСПН) на која сподели свои искуства од примената на техниката Делон за декомпресија на тарзалниот тунел кај пациенти со дијабетична невропатија.

Имено, третманот на пациенти со дијабетес, покрај основната терапија за одржување на нормална гликемија, треба да вклучува и рана детекција на невропатијата. Исхемијата, невропатијата и инфекциите се трите основни фактори кои придонесуваат за развој на дијабетични улкуси на стапалата. Често, инфекцијата која настанува како последица на веќе присутна невропатија и исхемија води кон ампутација. За да не се случи тоа потребо е да се реагира навремено и соодветно.

Методот воведен од д-р Делон (Dellon) се користи за декомпресија на тарзалниот тунел и се применува кај пациенти со дијабетична невропатија. Бидејќи дијабетесот е системско заболување кое, меѓу другото, ги зафаќа и периферните нерви, кај пациентите често се развива невропатија, особено во пределот на стапалата.

Ова води до намален сензибилитет, чувство на тежина, нестабилност при одење, чувство на горење и зголемен ризик од развој на дијабетични улкуси. Овие улкуси често се хронични и тешко заздравуваат, а нивната инфицираност може брзо да напредува, што во многу случаи доведува до потреба од ампутација на погодениот екстремитет.

Процедурата, според Делон, вклучува декомпресија на задниот тибијален нерв, кој преку своите гранки е одговорен за сензорната инервација на стапалото. Неколку месеци по интервенцијата, се забележува подобрување на сензибилитетот. Дополнително, за време на самата операција, се изведува и локална симпатектомија на задната тибијална артерија, што резултира со нејзина вазодилатација. Овој механизам придонесува за подобрување на циркулацијата и забрзување на заздравувањето на дијабетичните улкуси.

Овој метод кој се применува во Клиниката „Жан Митрев“ во голема мера може да го смени текот на дијабетичната невропатија на стапалото и со тоа да придонесе за многу поголем квалитет на живот на пациентите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Приведен бизнисменот Орце Камчев

Редакција

Рамазан – светиот месец на муслиманите: Кои се обичаите

Редакција

Гостивар рекордер по новозаболени од Ковид-19: Сто нови случаи за една недела

Редакција