Специјален известувач за еМагазин.мк од Лондон, Весна Ехрман
Во неделата во Лондон по 78. пат се одржаа филмските награди БАФТА. На црвениот тепих на Ројал Фестивал Хол се појавија некои од најпознатите актери, актерки и филмски професионалци на денешницата.
Шоуто започна во 17 часот по англиско време и траеше три часа, но телевизиската публика имаше можност да ја види едитираната и скратена верзија која се емитуваше на Би-Би-Си два часа подоцна.
Во улога на водител по втор пат се појави шкотскиот актер Дејвид Тенант, кој облечен во шкотски килт го започна шоуто во караоке стил каде некои од ѕвездите одбрани, случајно (или не) му се придружија во пеење на хитот „I can run 500 miles“ на Proclaimers.

Иако рече дека ќе се обиде да не се конфронтира (после пехот со Кејт Бланшет изминатата година) сепак не го одмина Доналд Трамп, кој го спореди со негативецот од хорор филмот BettleJuice, дел кој Би-Би-Си не го емитуваше.
Успеа да го насмее Едвард Нортон, иако филмот „Потполно непознат” го нарече новиот Мама Миа за средновечни татковци. Нортон кој во филмот го игра музичарот Пит Сигер беше номиниран во категоријата најдобар актер во споредна улога.
Најголемите победници на вечерта беа „Конклава“ и „Бруталист“ кои освоија по четири награди и воедно беа едни од најголемите фаворити оваа година.
Трилерот „Конклава“ кој е адаптација на Роберт Харис и зборува за изборот на папата победи во категоријата најдобар филм и најдобар британски филм додека Бреди Корбет ја доби наградата за најдобар режисер за филмот „Бруталист“.

Американскиот актер Адриен Броди успеа да го победи Рејв Фајнс во категоријата најдобра машка улога. Фајнс кој беше најголемиот претендент за наградата беше номиниран за неговата улога во филмот „Конклава“. Броди доби Бафта, за неговата улога во филмот „Бруталист“ каде го глуми унгарскиот евреин Ласло Тот, кој успева да го преживеее холокаустот и да замине во Америка во потрага по американскиот сон.

Во својот говор тој се заблагодари на наградата и рече дека ја споделува со сите свои колеги номинирани оваа година на чија работа енормно се воодушевува. Се заблагодари и на британската публика која му дава поддршка во неговите креативни потфати.
Откако помина неколку месеци во главниот град изминатата година играјќи претстава во театарот „Донмар“ за Лондон рече дека е неговиот нов дом. Сепак делот во говорот каде тој се заблагодари на своите родители и на неговата англиска девојка Георгина Чапман (поранешната сопруга на озлогласениот американски продуцент Харви Вајнстин) која ја нарече „мојот ангел“ беше изоставен од телевизискиот пренос.

Најголемото изненадување на вечерта беше во категоријата главна женска улога која и припадна на Мајки Мадисон за улогата на стриптизета која се заљубува во син на руски олигарх во филмот Анора.
По бројните победи на Деми Мур, оваа сезона превидувањата беа дека Бафта наградата ќе и припадне нејзе, но очигледно британската публика која гласа за наградите избра поинаку.
Мадисон која исто така беше номинирана во категоријата ѕвезда во подем, беше видно збунета од победата и изјави: „Навистина не го очекував ова. Веројатно требаше да го слушам мојот публицист и да напишам говор“.
Во категориите споредна машка и женска улога наградите ги освоија Зое Салдана за „Емилиа Перез“ и Киан Калкин за „Вистинска Болка“.
Победник во категоријата шминка и фризура беше тимот на филмот „Субстанца“ визуелни ефекти – Дуна 2, а наградата за најдобар костимограф ја освои Пол Тазењел за филмот „Злобничка“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„еМагазин“ на БАФТА: Црвениот тепих, повозбудлив и од доделувањето на наградите
Фото: BAFTA’s photography library