Пренатрупаноста, недоволната инвестиција во инфраструктурата, нецелосно воспоставен видео надзор, недостатокот на медицински персонал и несоодветната техничка опременост влијаат негативно врз обезбедувањето хумани услови за лицата лишени од слобода.
Дополнително, ограничената примена на пробациски мерки и недоволната постпенална поддршка ја намалуваат ефикасноста на ресоцијализацијата, додека нерегуларниот надзор ја доведува во прашање усогласеноста со препораките за подобрување на состојбите
Ова го утврди Државниот завод за ревизија за состојбата со реформите во затворите.
„Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, стекнавме разумно уверување дека преземените активности од страна на надлежните институции не придонесуваат во целост за унапредување и хуманизирање на системот за извршување на санкции и реформи во пенитенцијарниот систем.
Материјалните услови во одделни установи или одделенија при установите и пренатрупаноста не придонесуваат за обезбедување на хумани услови за сместување, предвидени во меѓународните стандарди од областа, почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода.
Пролонгирањето на инвестицискиот период за изградба на објектите од Сегмент 2 во КПД Идризово во рамки на Проектот „Реконструкција на КПУ во Република Северна Македонија” започнат во 2010 година, пред се како резултат на необезбедените буџетски средства за реализација на проектот, но и ненавременото и нецелосно спроведување на забелешките и препораките на БРСЕ, не придонесува за зголемување на сместувачките капацитети и подобрување на условите.
Поради недостиг на финансиски средства установите не можат да планираат активности, а планираните активности да ги реализираат и да ги подмират обврските од минати години,“ се додава во извештајот.
Во него се потенцира дека во установите недостасува безбедносна опрема, ниту е воспоставен унифициран концепт за визуелно-електронско набљудување и одржување на видео надзорот, ниту имаат предвидена обврска за изготвување на проекти/планови за утврдување на сите клучни ризични точки, потребниот број и вид на камери, местото на поставување на камерите за видео надзорот, а врз основ на претходна анализа изработена од стручни лица во областа.
„Поради недоволен број на припадници на затворската полиција зголемени се трошоците за прекувремена работа, а тужбите од страна на затворската полиција за работа подолго од полното работно време и останати додатоци на плата придонесуваат за зголемени судски трошоци и исплати по извршни решенија.
Не е обезбедена целосна здравствена заштита на лицата лишени од слобода заради недоволен медицински персонал, а отсуството на ажурирани податоци за задолжително здравствено осигурување доведува до неостварување на правото за здравствено осигурување на лицата кои се на издржување казна затвор и издржување на воспитна мерка во воспитно – поправен дом.
Техничката спецификација за набавка на храна не е унифицирана поради што одделни установи имаат поразновидна храна од други установи, како и значителни разлики во цените на прехранбените артикли помеѓу установите.
Воспоставениот начин на третман и постпенална помош на осудените лица не обезбедува нивна ресоцијализација и социјална адаптација во општеството. Во КПУ погодности користат сите осудени лица на кои тоа им го дозволува третманската група, доколку против нив не е поведена дисциплинска постапка, без разлика какви резултати постигнуваат при работниот ангажман,“ се вели во извештајот.
Во него е нотирано дека установите не се доволно кадровски екипирани со инструктори, кои би можеле да вршат стручно оспособување на осудените лица, а не располагаат ниту со доволен број на воспитувачи за спроведување на третмански мерки. Не е спроведуван образовен процес за осудените лица и децата во ВПД.
Во периодот 2021-2024 година не е извршен редовен надзор над работењето на сите установи од страна на Управата за извршување на санкции, ниту се врши контролен надзор, што може да доведе до непостапување од страна на установите по дадените забелешки и рокови наведени во наредбата од редовниот надзор и нивно навремено отстранување.
Фото: Влада