еМагазин
Image default
Бизнис

ИСОС препорача усогласување на цените на услугите и платите на сметководителите со инфлацијата и растот на останатите плати

Разгледувајќи ги барањата од членовите и тековните економски движења во земјата и во секторот, управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) донесе одлука да им препорача на сметководствените друштва и самостојните сметководители да ги усогласат цените на услугите што ги даваат кон правните лица, како и на платите на своите вработени, со растот на индексот на трошоци на живот (инфлацијата) и растот на минималната и просечната плата во земјата.

Истовремено, раководниот тим на ИСОС одлучи, од средината на март, односно по завршување на поднесувањето на годишните завршни сметки, да спроведе сеопфатно анкетно истражување помеѓу професионалните сметководители во земјава.

Сознанијата што ќе се добијат преку ова истражување, заедно со други релевантни податоци, ќе бидат искористени за да се направи детална анализа на состојбата со цените на сметководствените услуги на пазарот и на платите во овој сектор.

„Оваа анализа ќе биде добра основа за креирање на најсоодветни одржливи решенија и механизми за утврдување на препорачани цени на секоја посебна сметководствена услуга, водејќи сметка за нивото на нивна сложеност.

Следниот чекор ќе биде да се пронајде најсоодветниот начин и форма за имплементација на ваквото решение, водејќи сметка за законските надлежности што ги има Институтот.

Имајќи ја предвид големата одговорност што ја имаат професионалните сметководители во водењето и евиденцијата на сите финансиски текови, како и поставената цел за натамошно јакнење и унапредување на сметководствената професија во нашата земја, вклучувајќи ја потребата од целосно сузбивање на работењето во т.н. сива зона – појава која сѐ уште е присутна и нанесува штета на целата професија – ИСОС ќе направи сѐ што е потребно и што е во негова моќ да се креира и имплементира ефикасно решение кое ќе овозможи соодветно вреднување на вложениот труд и вредноста на сметководствените услуги во нашата земја,“ вели претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во март инфлацијата 4%

Редакција

Бирото за развој на образованието распиша тендер за набавка на возила

Редакција

Иван Туџаров разрешен, Билјана Несторовска-Ѓошевска избрана за член на Управниот одбор на Реплек

Редакција