Македонија изминатото лето беше погодена со рекордни над 2.000 пожари на отворено, кои предизвикаа штета од над 5 милијарди денари.
Изгореа шуми стари и над 100 години, како и над 600.000 кубни метри дрвна маса, а беше погоден и животинскиот свет.
Доколку ги немавме нашите храбри пожарникари, кои работат со децении во ненормални услови, штета сигурно ќе беше поголема, а ќе имаше и бројни човечки жртви.
Нема дилема, за еМагазин македонските пожарникари се Личност на годината, а тука би ги додале и бројните храбри доброволци кои помогнаа во гасењето на пожарите, македонските војници, првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој практично покажа како секој треба да си ја извршува функцијата, како и пожарникарите кои дојдоа на помош од други пријателски земји.
Во оваа прилика мора да спомнеме дека Македонија со години има константен недостаток на пожарникари, дека тие имаат ниски примиња, кои не се на висина на нивната работа, немаат доволно пожарникарни возила, и тие што ги имаат најчесто се старти по неколку децении.
Државата мора сериозно да работи на овие прашања и конечно да ги реши нивните проблеми.
Признанието Личност на годината, еМагазин го доделува од 2013 година.
Минатата година Личност на годината беше малиот генијалец Македон Димитровски, македонското чудо од дете, поради неговите бројни успеси, но и неговата личност и карактер.
Личност на годината во 2022 година беше Марко Пејчиновски од Охрид, кој не остави без здив со неговите препливувања на Охридското Езеро.
Претходната година Личност на годината беше доктор Никола Пановски, кој беше гласот и разумот на науката, во борбата против Ковид-19.
Личности на годината за 2020 година беа здравствените работници, поради нивната пожртвуваност во битката против Ковид-19.
Личност на годината за 2019 година беше главната хероина на документарниот филм „Медена земја“, Атиџе Муратова, која со својата скромност и однос кон пчелите остави силен впечаток врз милиони луѓе во светот.
Личност на годината за 2018 година на еМагазин беше актерката и активистика Ирена Ристиќ, која ја крена свеста на граѓаните и институциите за здрава животна средина.
Во 2017 година, Личност на годината беше тогаш главниот тренер на ракометниот клуб „Вардар“ и селекторот на Македонската репрезентација Раул Гонзалес, поради историскиот успех на РК „Вардар“ со освојување на тронот во Лигата на шампиони на ЕХФ.
Во 2016 година Личност на годината беше обвинителката Фатиме Фетаи, поради зборот правда која често го користеше.
Во 2015 година ја избравме Ленче Здравкин, поради несебичната грижа кон бегалците, нејзината помош и големото срце.
Во 2014 година Личност на годината на еМагазин беше студентот од Битола, Томе Кириази, кој на сиромаштијата и пркосеше со своето знаење и натпросечна интелигенција.
Во 2013 година ја избравме уметничката Розе Мојсовска, која и покрај телесниот хендикеп, создава уметнички дела цртајќи со уста.