Македонија и Србија ќе градат заеднички железнички премин. На овој начин ќе ја подобриме комуникацијата помеѓу двете држави затоа што ќе имаме „One stop shop“, покрај на патничкиот дел, и во железничкиот дел, кога ќе се патува со воз, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Денеска го потпишавме Договорот за инвестициски грант од 2,4 милиони евра за проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин Табановце.
Договорот за грант е дел од инвестициониот пакет од 7,6 милиони евра за изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија на Табановце.
Се надевам дека ова ќе води кон повторно воспоставување на редовна патничка железничка линија помеѓу Скопје и Белград, зошто се потребни напори секако од двете страни,“ информираше Николоски.
Тој појасни дека се работи за проект во вреденост од вкупно 7,4 милиони евра во градежниот дел и 250 илјади евра во делот на консултантски услуги и надзор.
„Консултантските услуги се целосен грант во делот на градежните работи. Имаме грант од 2,4 милиони евра, а исто така имаме поволен кредит од страна на Европската банка за обнова и развој во висина од 5 милиони евра,“ додаде Николоски.
Предвидено е целокупната постапка да заврши за две години.
„Очекуваме до летото оваа година да избереме изведувач и во рок од две години да се заврши целокупната постапка, како веќе на средината на 2027 година би имале единствен граничен премин во делот на железница со Република Србија, што секако ќе забрза и во делот на патнички, но и пред се во делот на товарен сообраќај, нешто што е главен предизвик и нешто на што многу посветуваме внимание во овие месеци како што сме избрани како Влада,“ појасни Николоски.
Фото: Влада