еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Наставниот кадар во Словенија е достапен и отворен да помогне на студентот

Игор Трајановски е истражувач на Факултетот за информатички студии во Ново Место, Словенија, кој што пред една година се пресели во Словенија. Во интервју за еМагазин вели дека студентите од Македонија на додипломски и постдипломски студии во Словенија имаат право да студираат бесплатно врз основа на билатерален договор помеѓу државите.

Доколку се решат да студираат и живеат во Словенија, имаат голем број поволности кои ќе им овозможат едноставно адаптирање во средината.

Во моментов, во Словенија сте на докторски студии на еден, а работите на друг факултет. Што точно работите?

– Токму деновиве помина една година откако се преселив во Словенија. Докторските студии се на Факултетот за применети општествени студии (fuds.si). Седиштето на факултетот е во Нова Горица, но за студентите е обезбедена и локација во Љубљана каде може да посетуваат настава и да полагаат  испити.

Паралелно со работата на докторските студии, кои се во завршна фаза, работам и како Асистент во областа на политичките науки на Факултетот за информатички студии во Ново Место (fis.unm.si).

Соработката меѓу двата факултета е на високо ниво и во овој момент, соработуваат на повеќе заеднички проекти во кои сум вклучен, а се финансирани од Европската унија.

Во оваа прилика би го споменал пред се проектот IPR4SC (ipr4sc.eu), чија цел е да ги развие вештините за правата на интелектуална сопственост. Во таа насока го развивме IP Monitor (ip-monitor.eu), платформа за пронаоѓање на најдобрата алатка или база на податоци поврзани со интелектуалната сопственост. Дополнително, организираме курс за Иновации и интелектуална сопственост (ipr4sc.eu).

Курсот е бесплатен, наставата е на англиски јазик и може да се регистрира секој кој е заинтересиран, без разлика дали е студент, вработен итн. Почнува на 20.02.2024 година, а по успешно завршување секој учесник добива сертификат. Во оваа прилика би го издвоил и проектот кој го започнуваме Кулинарска патека на етничката и локалната кујна во Дунавскиот регион.

Целта е да се поттикне социо-економскиот развој преку наследството, културата и туризмот. Овие и повеќе други проекти кои се во тек, покрај Факултетот за применети општествени студии (fuds.si) и Факултетот за информатички студии во Ново Место (fis.unm.si), вклучуваат и повеќе партнери од државите членки на ЕУ, но и пошироко.

Каков е начинот на студирање на студентите кои се запишуваат на додипломски студии. Може ли да студираат и од Македонија?

– Студентите од Македонија на додипломски и постдипломски студии во Словенија имаат право да студираат бесплатно врз основа на билатерален договор помеѓу државите. Доколку се решат да студираат и живеат во Словенија, имаат голем број поволности кои ќе им овозможат едноставно адаптирање во средината. Почнувајќи од попусти за исхрана, за јавниот транспорт, посета на институции по повластени цени итн.

Дополнителна опција која им се нуди е можноста за студирање од далечина. Што значи дека целиот процес на студирање можат да го изведуваат онлајн. Почнувајќи од пријава за упис, самиот упис, наставата и полагањето на испитите може да се одвива без нивно физичко присуство во Словенија. Оваа погодност особено е корисна за оние кои имаат желба или обврска да останат во Македонија, а сепак да се стекнат со диплома во Словенија. Притоа трошокот за овој начин на студирање е многу помал, а се регулира на почетокот на секоја учебна година. Изборот на начинот на студии секако зависи од повеќе индивидуални фактори и претставува лична одлука на студентот.

Што мислите, како и дали може да ја вратиме нашата интелектуална младина во земјава откако ќе ги заврши студиите во Словенија?

– Убеден сум дека може и дека треба да се работи на стратегија за тоа. За жал, многу мал процент од студентите кои се во Словенија размислуваат за враќање во Македонија. Причините кои ги „спречуваат“ да планираат враќање во Македонија по завршување на студиите се повеќе и најчесто се поврзани со општествената ситуација во Македонија.

Честопати нагласуваат дека Словенија и Македонија се слични по територија и број на население, но сепак многу различни. Студентите кои оваа година почнаа студии во Словенија, првите денови ја забележаа разликата во квалитетот на воздухот. Наредните денови беа изненадени од функционирањето на институциите при процесот на регулирање на нивниот престој во Словенија.

Особено се задоволни со начинот на одвивање на наставата, интерактивниот пристап и подготвеноста на наставниот кадар да ја надмине јазичната бариера која постои на самиот почеток. Сите позитивни разлики кои ќе ги почувствуваат студентите во Словенија претставуваат причина која влијае на нивната одлука за враќање во Македонија по завршување на студиите. Од тука произлегува и одговорот на прашањето.

Секако дека може да ги вратиме овие кадри во Македонија, но треба корените промени во државата. Клиентелизмот, бесперспективноста се само мал дел од причините кои ги „мотивираат“ и повозрасните да ја напуштат Македонија. Оддамна финансискиот аспект не е примарна цел за заминување во странство. Последниов период „листата“ се дополни и со, најблаго кажано, несфатливиот проблем со личните документи.

Овие и многу други разлики кои ги воочуваат студентите при престојот во Словенија се причина и најголемите оптимисти меѓу студентите да почнат да размислуваат и по завршување на студиите, кариерата да ја продолжат во Словенија. За воопшто да може да се разговара за враќање на дипломираните студенти од Словенија треба многу да се работи на промени на подобро во Македонија.

Тоа бара широк простор за елаборација, но сигурен сум дека предлози за решавање на овие проблеми не недостасуваат. Неопходна е интензивна активност од страна на институциите, а време има се помалку. Доколку сакаме превентивно да влијаеме на процесот на одлив на студенти, недозволиво е постојните студенти во Македонија да живеат и студираат во студентски домови каде условите за тоа се под секое човечко достоинство.

Кои се предностите што ги нуди Словенија за студирање во однос на Македонија. Еве, што нуди вашиот факултет на новите идни студенти, а не успева да го понуди македонското образование?

– Некои од предностите ги споменав и при одговор на претходните прашања. Секако дека има повеќе, но за тоа треба опсежна анализа и истражување. Само на тој начин може да се дојде до комплетна слика и да се лоцираат сите фактори кои ги мотивираат студентите да студираат во Словенија, но и во други држави. Во однос на понудите на Факултетот за применети општествени студии (fuds.si) и Факултетот за информатички студии во Ново Место. (fis.unm.si) би се осврнал, пред се, на пристапот кој го имаат факултетите.

Достапност како на стручните служби, така и на наставниот кадар, особено кога се работи за млад студент од странство. Сите непознаници со кои се соочува на стартот од студиите може да ги разреши со една посета на студентските прашања или преку еден е-маил. Материјалот кој е предаван, уште истиот ден студентот може да го најде во електронска форма со пријава на страната со својата лозинка.

Искуствата на студентите кои ги споделија, говорат дека најголем дел од професорите имаат разбирање за јазичната бариера. Покрај можноста за работа преку студентски сервис, напредните студенти можат да очекуваат понуда за работа и на самите факултети во рамки на некој проект.

Оние кои што ќе се истакнат, така беше случајот минатата година, може да добијат прилика за редовен работен однос и стипендија за докторски студии. Секако ова се можности кои ќе им бидат понудени само на одредени студенти во зависност од нивниот успех. Редовно, еднаш месечно до студентите се испраќа информација за слободни работни места од областа за која студираат. По завршување на студиите, добиваат призната и вреднувана диплома која е респектирана насекаде.

Има ли соработка меѓу образовани институции на двете земји, без разлика дали се работи за размена на знаења, проекти, граѓански организации, искуства?

– Се разбира дека постои соработка помеѓу високо образовните институции помеѓу двете држави и наставно научниот кадар. Тоа е за поздравување и се надевам дека не само што ќе продолжи оваа соработка, туку и ќе се продлабочи. Таа соработка се реализира на повеќе начини и може да биде врз основа на соработка помеѓу универзитети од двете држави или врз основа на сорабтка која ја имаат одредени факултети.

Може да се одвива со учество на научни конференции со презентација на трудови и истражувања, работа на заеднички трудови или заеднички истражувачки проекти. Би сакал да напоменам дека во рамки на проектот кој го споменав, IPR4SC (ipr4sc.eu), ангажиравме експерт од Македонија, чија што работа беше оценета со највисоки оцени од страна на конзорциумот. На овој начин се ангажираат и повеќе невладини организации кои обработуваат теми од заеднички интерес.

Секако дека има голем број ваков тип соработки, но во мојата област би ја споменал одличната соработка која ја имаме со невладината организација Футура МС, која се занимава со теми од областа на општествените промени и нивното истражување. Дополнително, постои и соработка преку програмата Еразмус.

На овој начин може да се реализира размена на студенти и наставно научен кадар, кои би се запознале практично со условите за работа, истражување и студирање во другата држава. Мислам дека програмата нуди многу поголеми можности отколку што се користат во моментот. За надминување на овој недостаток потребно е да се работи на нејзина поголема „видливост“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Финансиската и стабилноста на курсот на денарот успешно се одржуваат, велат од Народна банка

Редакција

Сите детали: Кривична пријава за Јакимовски и четворица негови соработници

Редакција

(Видео) Јапонски ученици од Токио ни испратија поздрав на македонски јазик

Редакција