На седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка е одлучено каматните стапки да останат исти. Каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно, информираа од Народна банка.
„Во услови на поволен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата на потрајна основа, а имајќи ги предвид ризиците.
Имено, домашната инфлација во декември 2023 година изнесува 3,6% на годишно ниво, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки.
Во услови на слични движења на инфлацијата кај нас и во еврозоната, разликата во годишните стапки е мала. Поумерени се и инфлациските очекувања на потрошувачите искажани во декемвриските анкети на Европската комисија. Просечната домашна стапка на инфлација се сведе на 9,4% во 2023 година, во согласност со очекуваната стапка од 9,5%.
Сепак, нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат, за што придонесуваат неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, но и одредени домашни фактори.
Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во јануари повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво,“ велат од таму.
Поволните поместувања на девизниот пазар се резултат на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемената понуда на девизи од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките, посочуваат од таму.
“Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор за периодот октомври − ноември 2023 година, тие засега упатуваат на малку понизок трговски дефицит за последниот квартал од годината од очекувањата според октомвриската проекција, а поповолни се остварувањата и на менувачкиот пазар заклучно со декември 2023 година.
Во третиот квартал од 2023 година, реалниот раст на БДП изнесува 1,2% на годишна основа, што е во согласност со октомврискиот циклус проекции (раст од 1,1%). Високофреквентните податоци за периодот октомври ‒ ноември 2023 година засега се во склад со очекувањата за забрзување на растот на економската активност во последниот квартал од годината.
Така, во овој период се забележува реален раст на индустриското производство, прометот во вкупната трговија и градежништвото, по падот во претходниот квартал, додека кај реалниот промет во угостителството се забележува забрзување на годишниот раст.
Во однос на ризиците за растот, тие и за следниот период се претежно надолни и се поврзани пред сѐ со зголемените геополитички тензии,“ велат од Народна банка.