еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Палевски се мешаше и во црковни прашања: Колку блиски контакти имал со одредени владици?

Љупчо Палевски Палчо освен што се поврзува со одредени политички структури и преку неговата партија „Десна“ направи обид да дејствува во политичките кругови, несомнено е познат и по блиските врски со одредени владици и структури во Македонската православа црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), со кои и јавно се фотографираше и ги промовираше во неговите емисии.

Поврзаноста јасно и недвосмислено ја покажуваше преку неговите јавно изречени ставови, како во емисијата, така и на социјалните мрежи.

За неговото „мешање во црковните работи“, на јавноста и е познат и по тоа што агитираше за потпишување на Декларацијата за неменување на Уставот на МПЦ – ОА.

Медиумите кои ја следат оваа проблематика, веќе подолг период пишуваат за неговите „црковни дејствија“.

И додека едни му биле омилени, на други им се заканувал по живот и повикувал на нивни линч.

Владиката Партениј и монасите директна цел

Во ставот на Бигорската свештена обител насловен „Само петмина ли се виновни“ се истакнува дека една од поглавните опсесии на посочениот убиец во текот на последните 2-3 години била токму и Владиката Партениј, а преку него и целата монашка заедница, како и некои луѓе, нивни пријатели, браќа и сестри.

„Какви ли само, навреди, закани и гадости се изнаслушавме од тој мракоподобен човек и од некои негови приврзаници! Дури и отворени повици за протерување, тепање и бесење. И преку социјалните мрежи, но и преку лични контакти. Почнавме да се чувствуваме загрозени, небезбедни, да живееме во неизвесност, во агонија. И говоревме, пишувавме, апелиравме да се преземат мерки, за да не дојде до нешто пострашно, но, за жал, нашите повици не беа услишани од нашето општество.

Бездруго, ние Христијаните живееме крстоподобно и во смирение. Но, има граници, коишто тангирани од законите на општественото уредување, не смеат да бидат надминати. Нам навистина ни паѓа тешко што и сега, при анализите на злоделата на првоосомничениот монструм, не се посочува и страдањето на коешто беа подложени и лица од Црквата, нешто што се спроведуваше преку крајно негативната и невистинита кампања, што, меѓу другото, беше поддржана и од странски фактор, добро познат по своите деструктивни иницијативи и потези кои го уриваат напредокот на нашата држава кон подобри услови за живеење.

И не е страшното тоа што ние бевме постојана мета на напади. Страшното е што се допушти да настрада една невина девојка во цутот на својата младост. Но тука има и уште едно етичко прашање. Што со оние соработници на тој демонизиран убиец – меѓу кои, за голема жал, има и извесни личности од црковните кругови, кои го поддржуваа во неговата злоба, му доставуваа клеветнички информации, го поттикнува на разни начини да го врши делото сатанско – злословието и омразата?

Ќе има ли одговорност и за нив, или едноставно ќе дозволиме и понатаму да се шири канцерот на злобата во нашето општество?

Ќе дозволиме ли одговорноста за сиот тој пир на злото да ја понесе само главниот антагонист, а не и тие што нарачуваа напади, што ја потпалуваа атмосферата, што во лукава притаеност мотивираа?

Зашто, кога употребната вредност на главниот негативец ќе заврши, тие, нарачателите, подеднакво, ако не и повеќе, искусни во омразата и клеветништвото, ќе се пуштат во својот предаторски лов и ќе се здружат со нов сојузник во злото.

Државата, институциите, интелектуалната маса, разните организации и заедници, впрочем сите ние, треба да изградиме систем кој веднаш ќе ги санкционира и ќе ги отфрла политикантите, шарлатаните, лажните патриоти, клеветниците и сеачите на омраза. Меѓу тие, ќе повториме, има и такви од црковните кругови, коишто, исто така, општеството, државата, народот, а најпрво и самата Црква, треба да ги повикаат на одговорност.

Да потсетиме, неколкумина од црковниот клир, како и некои „верници“, активно учествуваа во ширењето на лажен патриотизам и во заканувачките конструкции, полни со лаги и измислици, што се ширеа преку јавните настапи на првоосомничениот во монструозното убиство. Па дури и му помагаа да отвори свои ограноци во некои градови, за преку кампањата за „спасување“ на Црквата да стекне поголема гледаност и повисок политички рејтинг,“ велат од Бигорски манастир.

Истрагата ќе биде проширена на тоа, дали има надворешни влијанија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа изјави дека на јавноста добро и се познати и неговите ставови против НАТО и европскиот пат на државата. Притоа најави дека ќе се истражува и секој најмал сомнеж за влијанија од надвор.

„Вакво криминално гнездо што е направено мора да се разбие до крај, и вакви политички партии кои што, со не знам какви провиненции ова го прават, како што таа која што е формирана, таа мора да биде дерегистрирана.

Ќе се води деталната истрага, и ќе се истражува секој можен детал. Вакви криминални дувла преку правење на политики и политиканство, коалиции, договори, влијанија од надвор сакале да направат дестабилизација,“ изјави Спасовски.

Во однос на влијанијата од надвор министерот Спасовски праша „дали не знаеме, лицето и луѓето од таа партија какви ставови застапуваа.“

„Не знаеме кои беа тие и што правеа во изминатиот период? Не знаевме за неговите емисии кои директно се спротивставуваа за напредокот на државата,“ рече Спасовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бигорски манастир: Убиствата се последицa на тоа што не се санкционирани и отфрлени докажаните и непоправливи криминалци, манипулатори, луѓе со болен ум и речник

Ќе биде ли дерегистрирана партијата на Палчо, „Десна“?

Започна постапката за екстрадиција на Палевски од Турција

Фото: Десна/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е Трајче Пеливанов, кој привремено ќе ја замени Вилма Русковска

Редакција

(Галерија) Четири моќни женски приказни на третата вечер од Скопски моден фестивал

Редакција

Потребни се 56.522 денари за четиричлено семејство да го помине месецот

Редакција