еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Побрзи, поевтини и поефикасни прекугранични плаќања во евра од октомври 2025 година, велат од Народна банка

„Од октомври 2025 година, деловните банки од земјава ќе можат да се приклучат кон платните системи на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со што се отвора патот за побрзи, поевтини и поефикасни прекугранични плаќања во евра.

Народната банка активно го следи процесот на подготовка на банките за пристап кон СЕПА, којшто опфаќа правна, техничка и оперативна усогласеност со европските стандарди“, посочува вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во интeрвју за националниот сервис МТВ.

Придобивките за граѓаните и компаниите ќе бидат значајни – намалени трошоци, поедноставени постапки и многу пократко време за трансакциите. Парите испратени од странство, вклучително и оние од иселениците, ќе пристигнуваат во текот на истиот или следниот работен ден, со значително пониски трошоци, а банките ќе треба да им ги пренесат овие придобивки и на клиентите преку пониски надоместоци.

Заради поедноставување на процедурите, Народната банка веќе ги укина обврските за доставување документација за тековните трансакции со странство, меѓу кои и за плаќање одмор или школарина во странство, а ќе се укине и за капиталните трансакции, освен за мал број трансакции за кои постојат експлицитни законски обврски.

Ова значително ќе го олесни онлајн и шалтерското банкарство и ќе го поттикне користењето електронски и мобилни платежни услуги. Податоците покажуваат дека електронските плаќања во земјава веќе бележат годишен раст од над 40% во 2024 година.

Исто така, се работи и на олеснување на процедурите за приливните плаќања. Целта е средствата добиени од странство, вклучително и хонорарите, да се ставаат на располагање веднаш или најдоцна следниот ден, без потреба од приложување договор или фактура, освен во специфични случаи каде што тоа е законски обврзано.

Покрај ова, не се предвидуваат ограничувања за износите коишто може да се префрлат на основа на подарок, освен лимитот од 100 илјади евра кај инстант плаќањата, а контролите за спречување перење пари и финансирање тероризам и натаму ќе се применуваат, во согласност со меѓународните стандарди.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Приливите од странство ќе им бидат на располагање веднаш на граѓаните и на компаниите со влезот во СЕПА, велат од Народна банка

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Шест скопски општини се со над 100 заболени од корона вирусот, во Чаир бројката се искачи на 336

Редакција

Компанијата од Јужен Тирол, „ТехноАлпин“, ќе го реновира ски-центарот Попова Шапка, ќе инвестира 186 милиони евра

Редакција

(Фото) Оградата околу Владата е отстранета само однапред

Редакција