еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

“Поколението на Македонците е исправено пред современите предизвици, но има и света должност да опстои“: Илинденското послание на МПЦ-ОА

“Поколението на Македонците е исправено пред современите предизвици, но има и света должност да опстои“, порачуваат меѓудругото поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), Г.г. Стефан и членовите на Синодот во Илинденското послание.

Во истото се вели и дека македонскиот народ, во својата историја, има блескави примери на вистински подражаватели на ревноста на светиот пророк Илија и се порачува “ние сме синови и ќерки на славните илинденци, на луѓе кои, како и нивните предци, знаеле како да живеат христијански“.

„Какво место имале Богочовекот Христос и Мајката Црква во нивните животи, ни говори и тоа што по цели пет века на тешко ропство ја сочувале верата, не заборавајќи кои се и не одрекувајќи се од најголемиот дар со кој Бог го обдарил човекот – слободата. Тие биле свесни дека скапо сме платени и дека не треба да стануваме робови на луѓе, свесност која денес нам, современите Македонци, насушно ни е потребна“, се вели во посланието.

Се посочува дека Илинденското востание е залог да постоиме како народ со своја држава, затоа што храбрите и богољубиви илинденци знаеле дека нашиот опстанок како народ, и во времето и во вечноста, не зависи од нас, туку исклучиво од Промислата и Милоста Божја.

„Знаејќи, пак, дека неправдата никогаш не може да биде посилна од правдата, ниту ропството може да се спореди со слободата, нашиот народ одлучил на Илинден во 1903 година да се крене на востание, не плашејќи се пред далеку побројниот и понаоружан поробител. Токму поради таа нивна жртва, проникната од нивниот копнеж за слободна и независна Македонија, нашиот народ ги пожнеал плодовите на вториот, асномски Илинден, во 1944, стекнувајќи своја држава за на третиот Илинден, во 1991 година, Македонија да стане независна и суверена“, стои во Илинденското послание.

Во него се повикуваат верниците да не отпаднат од Бога поведувајќи се по некакви нови проповеди за „нова слобода“, кон која, како што е напишано, нѐ повикуваат новите погубни идеологии, кои водат (о)родување со сѐ и сешто, само за да заборавиме дека сме род Негов, народ избран, царско свештенство.

„Не поведувајќи се по други ‘божества’, да ги чуваме и да ги воспитуваме нашите деца во Црквата Христова, затоа што единствено во неа ќе Го познаат вистинскиот Бог, и само така и само тогаш нашиот народ ќе продолжи да го чува и да го носи благословот Божји“, се вели во посланието.

Во посланието се порачува дека поколението на Македонците е исправено пред современите предизвици, но има и света должност да опстои според начелата на славните илинденци.

„Слободата во која се родивме и во која живееме, татковината наша Македонија, љубената ни Охридска архиепископија, возобновена во лицето на Македонската православна црква, почиваат на себепринесувачката и саможртвена љубов и на исповедничката и маченичка крв на нашите предци. Молитвениот спомен на денешниов ден, за сите нив, е наш молитвен принос пред Бога, за нивните души да ги насели и да ги утеши во Својот покој“, стои во посланието.

На крајот од истото се вели дека – само ако така живееме, ќе останеме свои на своето, па на следните поколенија Македонци ќе им го предадеме сето она за кое илинденските јунаци се бореа и за кое се жртвуваа, а нам во аманет ни го оставија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонија го слави Илинден

За Илинден, денеска, прва литургија на македонски јазик за Македонците во Србија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Со испитување на вештаци продолжи судењето за несреќата кај Ласкарци 

Редакција

Сезонава само 379 регистрирани случаи на грип, најмногу заболени кај децата до 4 години

Редакција

На 25 јуни трет Скопје Прајд, организаторите очекуваат безбеден марш

Редакција