еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Реплек оствари раст на приходите од продажба од над 24% во првите девет месеци од 2024

Продолжува нагорниот тренд на остварени приходи од продажба на „Реплек АД“, информираат од таму.

Во третото тромесечје од оваа година компанијата оствари вкупен раст на приходите од продажба во сегментот фармација од 30,9% во однос на истиот период минатата година.

Ваквиот позитивен резултат, што е продолжение на трендот од изминатите две тримесечја, придонесе за зголемување на вкупните приходи од продажба остварени во првите девет месеци од 2024 година, кои во споредба со истиот период од 2023 година се зголемени за 24,3%, надминувајќи 21 милиони евра.

Вкупниот раст на приходите од продажба е комбинација на растот остварен во продажбата на домашниот пазар, каде во третиот квартал од оваа година е регистрирано зголемување од 68%, и од натамошното зголемување на продажбата на странските пазари од што се остварени приходи кои се за 20,7% повисоки од лани.

Кумулативно, за изминатите девет месеци од оваа година, „Реплек АД“ оствари продажба на домашниот пазар во вредност од близу 5,3 милиони евра, што е за 54,8% повеќе од лани, како и продажба на странските пазари во вредност од над 16 милиони евра, што е за 17% повисоко од остварувањето во истиот период минатата година.

„Задоволни сме од остварените резултати во овој период на годината, кои ги надминаа и нашите првични очекувања предвидени со годишниот план за продажба. Ваквиот позитивен тренд е резултат на големата посветеност и енергија што ја вложува целокупниот тим на Реплек во реализација на нашата компаниска развојна стратегија која се темели на инвестиции и модернизација, градење на силно портфолио на производи и јакнење на пазарните позиции, како и унапредување на задоволството на вработените.

Уверен сум дека позитивните резултати кои ги бележиме во континуитет во изминатиот период ќе ни влеат дополнителна енергија и мотив за реализација на нашата визија за развој на Реплек како современа, динамична  компанија која со своите континуирани успеси и понатаму ќе дава значителни придонес за развојот на македонската економија, истовремено креирајќи дополнителна вредност за  вработените, акционерите и за сите наши партнери“, изјави Душан Пецовски, главен и извршен директор на „Реплек АД“.

Растот на приходите од продажба во деветте месеци од оваа година ја прави повеќе од извесна реализацијата на предвидувањата за очекуваните годишни приходи од продажба, кои според финансискиот план за 2024-та се очекува да достигнат околу 31 милион евра, што е за околу 23% повеќе во однос на претходната година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Гаши кандидат за претседател на Собранието, се повлече од лидерското место во Алтернатива

Редакција

Филипче ќе предложи 24 часа карантин за Велигденските празници

Редакција

“Балканики аноними етериа петрелеу“ купи уште 276 акции на ОКТА

Редакција