Семос едукација со поддршка на МАСИТ и М6 едукативниот центар, одржа настан каде ги претстави најновите обуки за вештачка интелигенција, потребни за раст и развој на успешен бизнис пред преку 120 најголеми компании во Македонија, информираат од таму.
На настанот присуствуваа претставници на повеќе од 120 водечки компании од бизнис секторот, како и претставници од владата.
„Македонските компании се соочуваат со големи предизвици – каде да се најдат квалификувани работници со дигитални вештини и како за кратко време да се преквалификува или доквалификува голем дел од македонскиот пазар на трудот. За да одговориме на овие предизвици, потребен ни е национален дијалог за вештачка интелигенција.
Добро е што не почнуваме од нула. Го имаме еден од најдобрите центри за едукација во областа на дигиталните вештини и на вештачката интелигенција. Неодамна, „Семос Едукација“ беше прогласен за најдобар едукативен центар во светот. Како партнер на некои од водечките ИТ брендови, вие први воведовте обуки за вештачка интелигенција, не само на македонскиот и регионалниот, туку и на глобалниот пазар. Затоа, верувам дека освен волја, имаме и капацитет да одговориме на овој предизвик,” изјави претседателот Стево Пендаровски.
Организаторите претставија двајца истакнати претставници од IT светот, Вилфред Парубек, сениор партнер од Микрософт и Патрик Керстен, претседател на најголемата светска асоцијација на тренинг центри, ЛЛПА, кои зборуваа за потребата од нови вештини кои ги бараат иновативните технологии.
„Од искуството на 57 земји членки на LLPА асоцијацијата, можам да заклучам дека трансформацијата кон вештачката интелигенција ја принудува секоја организација да ја прифати надградбата на вештините. Треба да ги преквалификувате луѓето и да создадете идни таленти за да обезбедите континуитет на бизнисот, што помага да останете пред конкуренцијата и да ги поттикнете иновациите и растот,” изјави Патрик Керстен, претседател на LLPA (Leading Learning Partner Association.
Една од главните цели на овој настан беше да се презентираат можностите и начините како да се стекнат знаења во областа на вештачката интелигенција преку кои домашните компании можат да ја зголемат конкурентноста на светскиот пазар. Презентерите и гостите, не само што ги споделија своите искуства и знаења во областа на вештачката интелигенција, туку на панел дискусијата поттикнаа и широка дебата за напредок и иновации во оваа област.
„Семос Едукација е водечки тренинг центар и иницијатор на обуки за вештачка интелигенција во Македонија чија цел е едукација и трансформација на работната сила и бизнисите.
Веруваме дека обучената работна сила е клучот за економска револуција, па нашата цел е преку официјалните обуки за вештачка интелигенција да споделиме знаење од глобално, регионално, до локално ниво, охрабрувајќи ги компаниите и вработените да применат иновативни трендови и алатки за раст на домашната економија,” изјави Валентина Тасева, директорка на Семос Едукација
Настанот беше можност присутните да стекнат и да ги унапредат своите знаењата за можностите за етичка употреба на вештачката интелигенција и нејзината примена во секојдневната работа, преку низа предавања и студии на случаи кои беа презентирани.
Семос Едукација e водечки тренинг центар за иновации во полето на ИКТ образованието и своите услуги ги нуди на компании, влади и поединци. Во изминатите три децении, е на чело на дигиталната трансформација со внимателно развиени сертифицирани програми од компании како: Microsoft, AWS, Cisco, Oracle, и многу други. Со преку 200 сертифицирани тренери, Семос Едукација е агилен партнер за секој што сака да стекне ново знаење во најважните технологии на денешницата, велат од таму.