Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ги објави минималните потрошувачки кошнички за март и за април.
Мартовската, како што информираа од таму не била објавена во предвидениот термин поради трагедијата во Кочани.
Вредноста на Синдикалната минимална кошница за март изнесува 61.855 денари, а споредено со февруарската која изнесува 63.773 денари, е намалена за 1.918 денари.
Синдикалната минимална кошница за април пак изнесува 62.691 денари, а споредено со мартовската е зголемена за 836 денари.
– Евидентно од вредноста на Синдикалната минимална кошница е дека мерките се потребни и истите задолжително мора да траат подолг временски период, но поради нефер трговските практики на дел од трговците, последната мерка на Владата за ограничување на маржите за најмалку 10% даде половичен ефект.
Измерено преку оние 63 основни прехранбени производи кои се дел од Синдикалната минимална кошница, евидентирано е намалување на делот од храната и пијалоците само за 6,78% во месец март, но граѓаните и работниците оправдано реагираат дека тоа не е доволно, односно нема видлив ефект и дека цените се или исти или се зголемени.
Денеска, за жал 2,5 минимални плати не ја покриваат вредноста на Синдикалната минимална кошница, па реално и оправдано е барањето за зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, како и дополнително зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.
Се прашуваме, дали ако целта на Синдикалната минимална кошница е да ја покаже реалната состојба и да изврши притисок за потребата од зголемување на платите на работниците, дали целта на владината просечна кошница е да покаже дека не треба да има зголемување на платите и дека македонскиот работник и со вака ниските плати живее добро, велат од ССМ.
Фото: Игор Бансколиев