Стопанска банка АД Скопје во првото полугодие од годинава остварила добивка пред оданочување и исправка на вредност од 2.743.466 илјади денари, која е 18% поголема споредено со претходната година, соопшти Банката преку Македонската берза.
-Согласно стратегијата на Групацијата и Банката како нејзин дел за одржување висок квалитет на активата и ниска стапка на нефункционални побарувања, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 761.437 илјади денари, што е повеќе за 16% споредено со минатата година, која, покрај исправка за нефункционалните побарувања, вклучува и дел за покривање на ризиците и на редовното портфолио, како превентива од неочекувани движења.
Со тоа, добивката на Банката пред оданочување во првото полугодие од годината изнесува 1.982.029 илјади денари. Наведениот резултат е последица како на органскиот раст на активата така и на успешното раководење на бизнис-линиите во рамките на утврдената рамка на прифатлив апетит за ризик, велат од таму.
Нето-приходите од камати на Банката изнесуваат 3.102.745 илјади денари и се зголемени за 18% во однос на истиот период од минатата година, посочуваат од таму.
-Резултат во кој најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности и каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои забележаа пораст како резултат на зголемената ликвидност на Банката која произлегува од депозитите.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 428.151 илјади денари и се приближно на исто ниво во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 78.631 илјади денари и се исто така непроменети споредено со истиот период од минатата година, велат од Банката.
Останатите приходи од дејноста изнесуваат 242.562 илјади денари.
-И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, Банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа, останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 508.225 илјади денари и 562.285 илјади денари, респективно и се за 11% повисоки во однос на истиот период од претходната година.
Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управување со кредитниот ризик е во приоритетните цели на Банката. Оттука, заклучно со крајот на првото полугодие од 2024 година, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 761.437 илјади денари, велат од Банката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владимир Филиповски и Сашо Ќосев остануваат во НО на Стопанска банка Скопје
За претседателот на НО на Стопанска банка Скопје годишно 20 илјади, за членовите 10 илјади евра