еМагазин
Image default
Бизнис

Улогата на деловните жени ќе станува се позначајна за економијата на Македонија

Амбасадата на Република Словенија во Македонија, вчеравечер, организираше панел дискусија на тема „Улогата и позицијата на жената во бизнис светот, предности, предизвици и можности, информираат од таму.

На свеченото отворање на панел дискусијата, амбасадорот на Република Словенија во Македонија Грегор Прескер објасни дека целта на овој настан е да се даде значење на жените бизнисменки, да се покаже дека жените имаат главна улога во компаниите и во институциите и дека мажите и жените се рамноправни на работа и во секојдневниот живот.

„Македонија добро ја следи Словенија во делот на рамноправноста и не постојат табу теми и дискриминации кои некогаш постоеја. Кај нас жените се поприлично рамноправни и тоа е добро за секое општество“, рече Прескер.

Според него, различноста меѓу половите овозможува да се надополнуваме едни со други и да придонесеме кон подобар успех на тимот, проектот, компанијата.

„Силно верувам во моќта на жената и пред се, мислам дека жените се одлични преговарачи со чувство за соговорникот, што понекогаш е клучно за деловниот свет.

Вие емпатично знаете да ја почувствувате другата страна, што создава услови за преговори со позитивен исход. Мажите и жените целосно се комплементарни и заедно даваат придонес за социјалниот, економскиот и демократскиот напредок на општеството“, додаде Прескер.

Само една жена знае како да и помогне на друга жена, поентираше Дита Старова – Ќерими, директор на Националната Галерија која говореше на темата „Предизвиците на жените во областа на културата“.

„Галеријата денес дише со јазикот на уметноста – јазик кој не познава граници, дише со надеж, со гордост, но пред се дише слободно. Во овој дух, ги опфаќа сите прогресивни иницијативи, давајќи им простор да се промовираат и поддршка да го користат обединувачкиот јазик на уметноста во постигнувањето успех.

Денес, особено зборуваме за напредокот и предизвиците на жените на лидерските позиции во нашата земја од различни профили. Со овие дискусии се отвораат нови можности да се вмрежуваме и да си помагаме, бидејќи само една жена знае како и да помогне на друга жена. Кога се фокусирате на вашата страст, може да се соочите и да го надминете секој предизвик“, рече Старова- Ќерими.

Наведувајќи податоци за ефектите од пандемијата и останатите кризи по неа, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска посочи на непропорционалното влијание врз различни економски и општествени сегменти од последователните кризи.

„Така, на почетокот на 2021 година, влошувањето кај стапката на вработеност кај жените во споредба со периодот пред пандемијата е значително поголемо во земјите во развој отколку во развиените економии, што дополнително го продлабочило родовиот јаз во глобални рамки.

Ист е и случајот со регионот на Западен Балкан, каде се забележува посилен пад кај стапката на активност кај жените, која се сведе на 41,5% во просек за регионот, во споредба со 61,8% кај мажите.

Состојбата во 2022 година се подобрува, малку поизразено кај жените во споредба со подобрувањето кај мажите, но кај нас и во Косово стапките на активност на жените се уште се под нивото од пред пандемијата. Во регионот постои и значаен родов јаз во платите, во интервал од 7-16%, кој кај дел од земјите бележи и тренд на проширување,“ изјави Ангеловска – Бежоска.

Филомена Пљаковска Аспровска, главен извршен директор и претседател на управниот одбор КаСис АД Скопје порача дека свесна е за предизвиците со кои се соочуваат жените на работното место, особено додека се обидуваат да се искачат на корпоративната скала до одлучувачки и извршни позиции.

„Разликите во плати (salary gap), поставувањето повисоки стандарди за жените споредено со нивните машки колеги, соочување со родови стереотипи, едноставно не е лесно за жена да стекне и да се одржи на лидерска позиција. Затоа развојот на женското лидерство го гледам како предизвик и можност.

Верувам дека улогата на деловните жени ќе станува се позначајна за економијата на нашата земја и сигурна сум дека иновативните лидерски стилови на жените се одличен извор на идеи за надминување на економската криза.“, рече Пљаковска Аспровска.

Александра Томиќ, уредник на Блумберг адрија дигитал додаде дека новинарството во моментот е женска професија и се поголем број од младите новинари се жени.

„Мажите останаа најмногу на уреднички позиции, а најголем дел од основачите на медиумите се мажи, само мал процент се жени. Иако бројките не мора да значат ништо, родово базираното насилство врз медиумите во Македонија не е непознато.

Особено во последниот период и особено на дигиталните медиуми и на социјалните мрежи каде најголем број од говорот на омраза е насочен кон жени новинари. Инаку, статистиките во Македонија не се најсјајни. Жените четири пати помалку застапени од мажите на позиции на донесување одлуки во компаниите во земјава, состојба која не забележува подобрување, туку влошување.

Во земјата силно преовладуваат традиционалните родови норми во однос на родовите улоги на жените и мажите, па освен што се активни на работа вршат и неплатен труд дома што им влијае на кариерата,“ изјави Томиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Охридска банка“ значително ја зголеми добивката

Редакција

Најмногу слободни работни места во услужните дејности и продажбата

Редакција

„Тиквеш“ купи винарница во Франција

Редакција