НЛБ Банка успешно го заврши првиот квартал од годината со нето добивка од 678 милиони денари, информира Банката.
Во периодот 01.01.2024 до 31.03.2024 година, Банката продолжи да испорачува кредитна поддршка за населението и бизнис секторот, зголемувајќи го пласманот на вкупните кредити и обезбедувајќи раст од 7% во овој сегмент, споредено со истиот период претходната година. И вкупните депозити споредно со истиот период претходната година, бележат зголемување за 5,3%, велат од таму.
Успешните резултати на Банката се должат на континуираните продажни активности на кредитните продукти со посебен фокус на домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија, како и зголемениот број на корисници на платните сервиси, посочуваат од таму.
-Во првиот квартал од годинава, НЛБ Банка реализираше низа проекти и активности од областа на општествената одговорност, продолжувајќи ја поддршката кон заедницата, ранливите и маргинализирани категории.
Во споменатиот период, НЛБ Банка донираше медикаменти за Центарот за бездомни лица на Црвениот Крст на Град Скопје во Момин Поток, како и средства за набавка на медицински апарати за домашна употреба за пациентите со цистична фиброза во рамките на своето патронство над Асоцијацијата за цистична фиброза, а обезбеди и донација за реновирање на читална во Националната универзитетска библиотека.
Во првиот квартал НЛБ Банка го формализираше и своето членство во „Клубот на одговорни бизниси“ во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“, спроведуван од асоцијацијата „Конект“, потврдувајќи ги своите заложби за одржливост, етичко деловно работење и грижа за заедницата, велат од Банката.
НЛБ Банка, и натаму ќе продолжи да биде поддршка на населението и бизнис секторот во земјата, давајќи притоа значаен придонес во макроекономскиот и финансискиот амбиент на државата, посочуваат од таму.
Во фокусот на работењето на Банката, како и до сега, се унапредување на дигиталните канали во насока на зголемување на дигиталната пенетрација на клиентите, унапредување на клиентското искуство, проширување на портфолиото на производи и услуги со посебен акцент на „зелените“ продукти, како и на општествено одговорни проекти за грижа за своите вработени и заедницата во целост.