Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за оценка на уставноста и незаконитост на измените на Кривичниот законик (КЗ) од септември 2023 година, поточно на членот 353 од КЗ.
Со измените беа намалени казните за кривичните дела злоупотреба на службената должност и овластвање и злосторничко здружување, по што застареа повеќе кривични предмети против поранешни функционери.
Од Судот информираа дека согласно со Актот на Уставниот суд, оваа фаза на постапката завршува со одлуката за поведување на постапката. Во следната фаза ќе се подготвува реферат за укинување или за поништување на законските измени.
Согласно процедурата, Судот ќе испрати извештај до македонското Собрание, во кој ќе им укаже на пратениците дека Судот има сомнеж во уставноста на законот и на Собранието ќе му даде рок од шест месеци да интервенира и да ги смени спорните одредби.
Ако Собранието во тој рок не интервенира, тогаш се предава рефератот за укинување или за поништување на законските измени.
Тој реферат го прави истиот уставен судија што е назначен за предметот од самиот почеток.
Доколку судијата известител, на пример, предложи укинување на законските измени, а не добие мнозинство на гласањето, ќе се гласа другиот предлог за поништување на законските измени.
Ако Судот одлучи да се укинат измените, тогаш ќе има “дупка” во законот, односно нема во правна сила да се врати старото законско решение.
Ако пак одлучи да ги поништи измените (што е помалку можна варијанта), тогаш одлуката повлекува и последици, односно се што произлегло од измените нема да важи, со што би се обновиле сите предмети против функционерите кои застереа.
Судот поведе постапка за Кривичниот законик пред две години.
Фото: Уставен суд