Државното знаме на Македонија се најде во иста група со „забранетите” знамиња на „Австралија Опен”, меѓу кои се руското, белоруското, палестинското и израелското, објави СБС на македонски.
Фотографија од македонското државно знаме, можеше да се забележи, вчера, 14 јануари, на првиот ден од годинешниот гренд слем, на табакот хартија прикачен на камерата на снимателите на „Австралија Опен” во КИА арената, заедно со неколку други знамиња, за кои претходно беше објавено дека се забранети на турнирот.
Една недела претходно, извршниот директор на „Австралија Опен”, Крег Тајли, објави дека гледачите на овогодинешниот гренд слем во Мелбурн, ќе бидат „спречени да ги истакнуваат палестинските и израелските знамиња“, според правилата кои им дозволуваат „да носат знамиња само навивачите што ги претставуваат играчите кои се натпреваруваат на годинешниот турнир“.
Во 2022 „Австралија Опен” објави категорична забрана на руски и белоруски знамиња, поради руската инвазија на Украина.
Македонија годинава на гренд слемот ја претставуваше Лина Ѓорческа, која, во првото коло во квалификациите загуби со 2-1 во пресметката со Катаржина Кава од Полска и не обезбеди пласман.
Редакцијата на „СБС на македонски” ги исконтактирала „Австралија Опен” за коментар, но до објавувањето на текстот, не доби одговор зошто македонското државно знаме е издвоено на овој начин и како се најде на „црната листа”.
Фото: sbs.com/Australian Open