еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

(Фото) Рајчица претесена за верниците кои дојдоа да ја пречекаат чудотворната икона на Св. Георгиј од Света Гора

Рајчица, беше претесна за да ги собере верниците кои пристигнаа за да се поклонат на чудотворната икона на Св.Георгиј, која што монасите од Свештената Бигорска обител ја донесоа од Света Гора.

Се работи за идентична копија на чудотворната икона на светителот, којашто во 15. век, на манастирот Зограф во Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните Светињи, легендарниот молдавски воевода Свети Стефан III Велики. Иконата беше осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф.

„Денешниот настан нè повикува да размислиме и за мистичната врска помеѓу небото и земјата, за тоа како духовите на предците говорат во срцата на потомците. Имено, веќе Ви спомнав, одамна ни беше голема желба да ја имаме Молдавската икона на Свети Георгиј во овој наш свет манастир посветен нему.

И кога најпосле времето се исполни за таа да стаса овде, истражувајќи ја нејзината историја, дознавме дека сребрената украсна риза додадена на иконата во 19. век била изработена по нарачка и како дар од светиот Архимандрит Анатолиј Зографски, роден и израснат во овој славен мијачки и дебарски крај, а замонашен токму во Бигорски.

Следствено, овој благороден подарок го носи печатот на нашето локално свештено и национално наследство, толку живо присутно и ден-денес во македонската духовна и културна ризница, и ги оживува духовните врски кои нè спојуваат низ времетечението,“ изјави епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител.

Со оваа чудотворна икона трајно е запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата држава.

„Доаѓањето на иконата во овие немирни времиња ја запечатува надежта дека со нас е Бог во бурите и премрежјата на денешницата и тежината која секоја епоха ја носи со себе. Бог никогаш не остава без утеха, без сатисфакција. Допушта крст, но го насочува кон Воскресение.

Човечкиот јазик е немоќен да ги опишува и да зборува за великите Божји таинства и збиднувања, но затоа, пак, срцето најчувствително и најистенчено ги препознава и прима дејствијата на Божјите енергии и тогаш без зборови ги разбира Божјите тајни, преку кои Бог нè води во нашиот живот. Токму ова денес го гледаат нашите очи, за тоа сведочи и денешново големо собитие по милоста Божја.

Отсега оваа икона, покрај неговите Свети Мошти, ќе биде уште една поткрепа и утеха за овој верен народ, Светиња кон која ќе прибегнуваме со молитва, просејќи од Светиот да ги утврди нашите скромни молитви и да ги принесе пред Бога, пред Кого има голема смелост,“ изјави монахиња Касијана, старешинка на манастирот на Св. Георгиј Победоносец во Рајчица.

И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил Свети Георгиј, неговата чудотворната икона беше пречекана со големи почести, односно со придружба на параден оркестар.

Присутните верници пак, на неискажливо радосен начин, го почувствуваа неговото присуство во нивните срца.

Фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кои судски случаи ќе почнат од почеток поради разрешувањето на судијата Бошевски

Редакција

Ќе го „подбере“ ли некој конечно поглаварот на ИВЗ, Реџепи за континуирано јавно ширење омраза

Редакција

Владата препорачува одложување на екскурзиите и обезбедување доволно средства за хигиена во школите и градинките

Редакција