Битолчанец на возраст од 72 години на 15. јануари со хебла и пиштол се обидел да ограби канцеларија за брзи кредити во Битола, информираа од Основното јавно обвинителство.
Осомничениот влегол маскиран во канцеларијата на улицата “Прилепска” и со употреба на сила се обидел да одземе парични средства со намера противправно да ги присвои.
-Со хебла во едната рака и огнено оружје – пиштол во другата, тој се заканил на вработената и побарал од неа да ги стави парите во торбичка што и ја подал. Таа одбила по што ја удрил неколку пати со хеблата по раката и телото.
Оштетената избегала надвор од објектот, по што и осомничениот го напуштил местото, велат од Обвинителството.
Разбојништвото се обидел да го изврши со пиштол марка „Црвена застава“, што го поседувал неовластено.
При претрес во домот каде престојувал било пронајдено оружјето и осум куршуми.
Тој е осомничен кривичните дела – Разбојништво и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.