Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење! Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога, се вели во посланието на г.г Стефан за Велигден.
„Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата.
Господ Исус Христос, со Своето воскресение од мртвите, ни го осмисли нашиот живот, и не само овој – земниот, туку и небесниот, односно ни го дари вечниот живот во Неговото Царство. Токму преку Христовото воскресение се одгатнаа сите загатки со коишто, уште од паѓањето во грев, се соочуваше немоќното и безутешно човештво, а коишто завршуваа со суровоста на смртта. Ете, токму преку тоа Чудо над чудата, ние, луѓето, од смртни станавме бесмртни и ни беше овозможено трајно да се ослободиме од прангите на смртта и да се упатиме кон Оној Kojшто и самиот е Живот – кон Христа Животодавецот.
Радоста, којашто извира од тајната на Христовото воскресение и којашто, еве, сите ние, како христијани, ја сведочиме повеќе од две илјади лета, е неизмерна. Но, оваа неискажлива и преславна радост не треба да биде минливо чувство, коешто ќе нѐ обземе само во овие празнични дни, туку, напротив, треба да ни постане начин на живеење и на постоење.
Впрочем, и самото христијанство е вера на радоста! Ако не постои радост, тогаш не постои ни вистинско христијанство; ако немаме радост во нас и помеѓу нас, тогаш не сме ни вистински христијани, ни вистински учесници во Христовото воскресение, ниту, пак, вистински следбеници на Христа.
Според тоа, доколку сакаме да бидеме доследни подражатели на Христа и да врвиме по Неговите стапки, тогаш ќе мора да си ги земеме врз себе нашите животни крстови и, минувајќи низ сопствените голготи, истите да ги поднесеме докрај, и тоа со радост. Само на тој начин, во нашите души – и покрај сите животни премрежја, искушенија и предизвици – ќе ја почувствуваме бескрајната радост од Неговото воскресение и ќе заживееме со несфатливата и непреодна радост на вечниот живот,“ се вели во посланието.
Во него се додава дека тајната на Христовото воскресение најмногу се открива во дарот на простувањето.
„Та, можно ли е вистински да го празнуваме Велигден – Празникот над празниците – ако не простуваме и ако не бараме да ни простат!? Можно ли е да водиме христијански живот и да се нарекуваме христијани ако во нашите срца се вгнездени злопамтивоста и одмаздољубивоста или, пак, ако во нашите души се всадени гневот и лутината!? Тоа е – невозможно! Да се живее вистински христијански живот – живот според Евангелието – значи да се постане обновен човек во Христа и да се чекори по патот на богољубието и човекољубието – по патот којшто води кон Царството небесно.
Затоа, што е можно поскоро, да се угледаме кон сите оние коишто низ вековите Го возљубија Бога, а го возљубија и својот ближен, да се угледаме на нивниот богоугоден живот, во којшто особено се истакнува подвигот на човекољубието и на простувањето, па – со силата на Христовото воскресение – и сите ние, коишто се именуваме со Неговото име, да го возљубиме својот ближен и секому сѐ да простиме за, на тој начин, да станеме наследници на вечниот живот,“ се додава во посланието.
Фото: Игор Бансколиев