еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Што е следно за Македонија на патот кон ЕУ и што добива земјата од тоа?

Патот кон полноправно членство е прецизно создаден процес. Додека Македонија се движи по него, чекорите не се само процедурални, туку бараат конкретна посветеност и работа.

Македонското законодавство ќе се усогласи со европското!

По скрининг процесот и уставните измени, кои се клучен услов за продолжување по евроинтегративниот пат, Македонија би влегла во фаза на подетални преговори и реформи.

Земјата би ги започнала преговорите за поединечни поглавја кои покриваат различни области, а секоја од нив се однесува на специфичните аспекти од стандардите на ЕУ, како што се правда, основни права, конкуренција, животна средина и многу други.

Преговорите вклучуваат дискусии за усогласување на домашното законодавство со европското, а земјата треба да ги направи потребните реформи за да ја усогласи својата правна и институционална рамка со стандардите на ЕУ.

Ова вклучува законски измени, воспоставување на нови институции и подобрување на веќе постоечките за да се обезбеди ефективно спроведување на европското законодавство.

Во текот на преговорите добиваме пристап до европски фондови!

Поглавјата од преговорите се затвораат поединечно, односно кога земјата-кандидат покажува напредок и ги исполнува условите поставени од ЕУ, а затворањето на сите преговарачки поглавја е предуслов за последните фази од процесот на пристапување.

Во меѓувреме, ЕУ обезбедува техничка и финансиска помош и поддршка во спроведување на реформите и исполнување на условите за членство. На овој начин може да се надминат празнините во капацитетите, да се изградат административните структури и да се олесни ефективното спроведување на европското законодавство. Земјата добива и пристап до одредени европски фондови, а конкретната сума на финансирање зависи од природата и големината на реформите кои треба да се спроведат.

Распределбата на средствата генерално се утврдува меѓу ЕУ и земјата-кандидат, земајќи ги предвид приоритетите наведени во пристапната стратегија и акциониот план на земјата.

Од перспектива на земја-кандидат, како што е Македонија, разбирањето на придобивките од пристапувањето може да помогне и во разбирањето на пошироките импликации што членството во ЕУ може да ги има во највиталните општествени сфери на земјата.

Интеграцијата го отвора патот за пристап до поголем број на фондови, како што се структурните и кохезивните, а токму нивно зголемување е од суштинска важност за развој на домашната економија. Земјата ќе добие јасна перспектива и можности за развој. Висината на фондовите што се отвораат по пристапувањето во ЕУ може да биде и до 11 пати повеќе од тоа што сега Македонија како земја-кандидат го добива, што во пракса ќе значи 11 пати повеќе пари за македонски економски проекти и за развој.

Договорот за влез во ЕУ мора да биде ратификуван од сите земји-членки

Откако преговорите би биле успешно завршени за сите поглавја, се подготвува Договор за пристапување во кој стојат условите за пристапување на земјата во Унијата. Во него се вклучени обврските и правата на земјата и конкретниот датум на пристапување.

Договорот потоа мора да биде ратификуван од секоја земја-членка на ЕУ, но и од македонскиот парламент. По завршувањето на овој процес, Македонија и официјално би станала полноправна членка на ЕУ, која целосно може да учествува во процесите на донесување на одлуки и да ги ужива правата и придобивките поврзани со членството во Унијата. Земјата ќе седне на иста маса рамноправно со едни од најмоќните држави во Европа и светот.

Целиот процес на пристапување е динамичен, а времетраењето во суштина варира во зависност од напредокот на земјата-кандидат, сложеноста на прашањата и политичкиот контекст. Сепак, потребна е силна посветеност на реформите, владеењето на правото и вредностите на ЕУ.

Транзицијата кон членството во ЕУ е трансформативно патување кон интеграција во поголема, политичка, економска и социјална заедница. Тоа е патување кое има за цел да ја подобри и зацврсти државата, институциите и животите на граѓаните од повеќе аспекти. Сумирано тоа придонесува кон:

Прво, развој на сите сфери на живеење преку достапноста на фондовите на ЕУ кои се клучни за подобрување на живот тука: ЕУ обезбедува фондови за своите членки и кандидати за членство за економски мерки, за земјоделство, за инфраструктура, за животна средина, за култура, за образование, за млади итн.

Понатаму, зајакнување на процесот на домашни реформи преку преговорите за членство во ЕУ. Преговорите се всушност енергија и поддршка за реформите дома и зајакнување на функционалноста на институциите и демократијата.

Како последно, но не помалку важно, зголемување на стандардот и подобрување на животот на македонските граѓани.

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

На Бугарите не им помина декларација во Советот на ЕУ за “засилено следење на омразата кон Бугарите“ во Македонија

Редакција

Димитров деновиве очекува засилен ангажман од португалското претседателство за одржување на првата меѓувладина конференција

Редакција

Пендаровски од Давос: Политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и на Европската Унија

Редакција