Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во близина на трговскиот центар „Чаирчанка” каде рано утрово во тешка сообраќајна несреќа загина 16-годишен возач на мотоцикл, информираа од таму.
„Според првичните сознанија по увидот, 16-годишникот управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, како и со брзина поголема од дозволената. На критичната локација, не успеал да избегне електричен тротинет со кој по коловозот управувал 14-годишник.
Во сообраќајната несреќа, возачот на моторот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место, додека малолетникот кој управувал со тротинетот е повреден и задржан на лекување.
Со цел точно утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издаде повеќе наредби и насоки. Се обезбедуваат и се прегледуваат снимки од видео надзорот на конкретната локација.
Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а и кај малолетникот кој управувал со тротинетот ќе бидат извршени анализи за евентуално присуство на алкохол или други недозволени супстанции“, велат од Обвинителството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
16-годишен мотоциклист загина во судир со 14-годишник кој управувал со електричен тротинет