Во Србија досега се вакцинирани 322.598 лица против коронавирусот, јави дописникот на МИА од Белград.
Според тоа, Србија е на третото место во Европа според бројот на вакцинирани на милион жители, после Велика Британија и Малта, соопштија од српската влада.
Во регионот, Србија е прва според бројот на вакцинирани на милион жители, по што следуваат Романија и Словенија.
Во регионот во однос на вкупниот број вакцинации, Романија е на прво место со 528.378 вакцинирани граѓани.
Повеќе од 70 милиони луѓе во 65 земји примиле една од седумте вакцини за коронавирусот што се користат, а Србија со 4,5 поделени дози на 100 жители е седма на генералната листа и втора меѓу европските земји.
На табелата, објавена од „Фајненшл тајмс“ (ФТ), според бројот на вакцинирани убедливо прв е Израел со дадени 44,7 дози на вакцини на 100 жители.
По Израел, најмногу вакцини дадени се во Обединетите Арапски Емирати – 27,4 дози на 100 жители.
Според податоците на ФТ, следат Велика Британија со 11, Бахреин со 8,8, САД со 7,1 и Порторико со 5,9 дадени дози на вакцина на 100 жители.
Сличен процент на жителите како и Србија (4,5) вакцинирани се во Исланд (4,2) и Малта (4,2). Следат Данска (3,7), Ирска (2,9), Словенија (2,8), Шпанија и Романија со 2,7 дози вакцина на 100 жители.
Според табелата на ФТ во Италија вакцинирани се 2,5 отсто од населението, во Литванија 2,4 проценти, 2,3 отсто во Германија и Швајцарија и 2,2 проценти во Канада.
МИА