Владата на седница ја усвои Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје во 2022 година. Програмата е нова, се носи прв пат и ќе овозможи околу 186.000 ученици во 350 училишта за ужина да добиваат домашни, македонски јаболка.
Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за реалзиација на Програмата се проектирани 20 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени со ребалансот на Буџетот.
-Со Програмата се овозможува поддршка за откуп, дистрибуција и пакување јаболка од реколтата 2022, а целата откупена количина ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државните училишта најдоцна до 15 декември 2022.
Со ова ги помагаме производителите на јаболка, но обезбедуваме и свежа и здрава ужина за нашите деца. Македонски, домашни јаболка за нашите деца, подвлече Николовски.
Министерот претходно кажа дека за млекопроизводителите се обезбедени уште 140 милиони денари преку Интервентниот фонд, покрај основните и дополнителните субвенции. Истакна и дека храна ќе има.
-Леб, брашно, млеко и зејтин ќе има. Обезбедуваме доволно храна за сите граѓани, рече министерот за земјоделство Николовски.
МИА