Да, мораме да ја реформираме Европската унија (ЕУ)! Но, задоцнетото продлабочување на ЕУ не е спротивно на нејзиното продлабочување. Поголема ЕУ, која истовремено е поспособна за делување, посуверена и подемократска, може да создаде повеќе сигурност за нејзините граѓани.
Ова денеска во колумна за „Die Welt“ го пишува германскиот државен министер за Европа и заменик министер за надворешни работи, Михаел Рот.
Наша приоритетна цел мора да биде, да се направи сѐ на Западен балкан за мир, помирување и демократија. Бидејќи регионот не е „заден двор“ на европската куќа. Тој е „внатрешниот“ двор! Стабилизација и поврзувањето на регионот е во непосреден европски и германски интерес.
Ако ЕУ му сврти грб на Западен Балкан, таа полето го препушта на други актери како Русија, Кина или Турција. И нивниот примарен интерес сигурно не е засилување на демократијата и владеење на правото.
Позитивната одлука би го испратила потребниот сигнал: ЕУ е сериозна со нејзината одговорност за цела Европа и пристапната перспектива за Западен Балкан. И би оддала признание дека Албанија и Северна Македонија дале одличен резултат и консеквентно ги спровеле реформите. Во двете земји, граѓаните и владите секогаш одново докажуваа дека се подготвени да направат болни компромиси за да се приближат до ЕУ.
Повеќекратното одложување масивно ѝ штети на веродостојноста на ЕУ. Во регионот тоа ги засилува оние сили, кои немаат интерес за реформи и напредок. Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев веќе го најави своето повлекување, како и нови избори во април. Се заканува враќање на национализмот и појавување на старите рани и етнички конфликти.
Тоа што започнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Албанија и Северна Македонија неодамна доживеа неуспех поради отпорот на поединци, е горчлив пораз. Но, сега би било погрешно, да замижеме пред реалноста.
Напролет, 2020 година, темата треба повторно да се најде на агендата на шефовите на државите и на владите на ЕУ. Тогаш мора дефинитивно да дадеме до знаење дека се држиме до пристапната перспектива. Понатамошни одолговлекувања би биле неодговорни.
Во меѓувреме, Северна Македонија и Албанија мора ангажирано да продолжат со своите реформски напори. Тоа е најдобриот сигнал до сите скептици. Истовремено, ние во кругот на ЕУ мора да ги завршиме нашите домашни задачи и да разјасниме како може да се отстрани резервираноста на поединечни држави-членки.
ЕУ одамна ја научи својата лекција, дека во поранешните рунди на проширување на места прерано дала зелено светло. Методологијата на пристапните процеси ја преработивме и во меѓувреме ставаме силен фокус на демократијата и правната држава.
Во следните месеци треба и понатаму да се интензивира соработката со двете држави. ЕУ не е доволно видлива на Западен Балкан. Новата ЕУ-Комисија мора конечно да му даде приоритет на регионот! Притоа, можеме да ги поддржиме со експерти за консеквентно да ги придвижат реформите. И во рамките на берлинскиот процес мора уште посилно да се ангажираме и да инвестираме
повеќе во регионалната соработка.
Исто така, мора да ја засилиме Младинската организација на Западен Балкан, за новата генерација да ја придобиеме како амбасадор на мирот и помирувањето. Западен Балкан останува проба на издржливост за трајниот успех на мирот на европскиот модел. Нема да ја подобриме Европа со прекршување на нашиот збор“, вели во колумната Рот.
МИА