еМагазин
Image default
Бизнис

Азески: Бизнисот сака предвидливост, до кога ќе имаме Пржинска влада

Во интерес на предвидливоста на бизнис-климата која компаниите ја бараат за да функционараат нормално, претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, го постави прашањето, до кога при организирање на избори ќе се спроведуваат одредбите од Пржинскиот договор за техничка влада.

„Имаме неприродна ситуација, на три месеци пред изборите да бираме некакви посебни влади со дополнителни заменици, нов премиер и сè е тоа изместување на реалноста и нормално функционирање. Ако се повтори она што го гледавме, по Нова година дополнителните заменици-министри секој ден ќе држат прес-конференции против министрите, а овие ќе мора да им одговараат.

Ќе имаме нефункционален технички премиер. Ако ситуацијата е како пред Пржинскиот договор треба да се каже до кога ќе остане, ако не, да влеземе во нормалните модели на изборно функционирање. Сме добивале одговорот дека така ќе биде до влез во ЕУ, но тоа е растегливо прашање. Бизнисот сака предвидливост. Да бегаме од предвремени избори, вонредни конституирања на влади, вонредни ситуации бидејќи испраќаме лош сигнал“, рече Азески.

Според него, компаниите се во кондиција да го испорачаат она што е планирано за наредната година и да влезат во нов циклус. Важно е, како што кажа, политичките елити да организираат нормални избори и да испратат порака на стабилност.

Бидејќи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев доаѓа од Стопанската комора, а притоа најави повлекување, Азеси рече дека тие во 2016 година го прифатиле барањето на премиерот и предложиле човек во политичка влада, не во техничка.

Азески денеска учествуваше на самитот „Македонија 2025“ и оцени дека нашите успешни бизнисмени од дијаспората не доаѓаат да инвестираат од патриотизам туку поради профит. Прашањето е, како што рече Азески дали знаеме да го искористиме нивниот потенцијал, а за следните години најави конкретни резултати од соработките и проекти.

Платформата „Македонија 2025“ и Стопанска комора потпишаа Меморандум за соработка во насока на поддршка на бизнисот, конкурентноста за извоз на странски пазари и развој на економијата.

Самитот на бизнис-платформата „Македонија 2025“ започна вчера и на него учествуваат 425 учесници од 60 земји со 40 панелисти. Целта е да им се помогне на нашите компании да го развиваат бизнисот, да станат конкурентни на странските пазари, а им се овозможува и да остварат соработка со компаниите на нашите успешни иселеници од дијаспората.

Фото: СКМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Дебарски бањи Цапа со намалена добивка

Редакција

(Фото) Дел од КАМ маркетите откако се под лупа на УЈП, затворени, се прави попис

Редакција

Владата не ги почитува работниците за најголемите празници, велат од Гласен текстилец

Редакција