Над 26 милиони евра добиле националните телевизии во земјава во периодот од 2010 до 2017 година од поранешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а 95 отсто од оваа сума завршиле на сметките на Сител, Канал 5 и Алфа ТВ.
Ова го покажуваат податоците во базата „Отворени финансии“, објави Призма.
Точната сума е 26,6 милиони евра, а поголем дел од нив, над 90 отсто, поранешната влада ги дала директно од својот буџет, од ставката „други трансфери“, а министерствата и владините секретаријати придонеле со само неколку ситни проценти.
Деведесет и пет проценти од оваа сума завршиле на сметките на три национални телевизии – на прво место е Сител со исплатени 10,2 милиони евра во тој седумгодишен период, а најмногу од парите добиле во 2015 – 1,8 милиони евра. На второ место е Канал 5 со 8,5 милиони евра, а трета е Алфа ТВ со 6,3 милиони евра, објави Призма.
Приходите на Алфа ТВ од владата нагло пораснале во 2013, годината откако телевизијата ја презема српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ. Овој медиум во 2012 добил 275.000 евра, по промената на сопствеништвото тој добил дури 1,5 милион евра или петпати повеќе.
Далеку помалку пари од првата тројка за истиот седумгодишен период добиле останатите две национални телевизии Телма и Алсат, околу 859.000 и околу 545.000 евра.
Целата сторија на Призма, ОВДЕ.